03.06.2021

Од денеска, до 6 јуни, во Валенсија, се игра завршниот турнир од јуниорската Евролига

Симиќ и Барса ја бараат титулата во Евролигата!

Натпреварувањето требаше да се одржи заедно со Ф4 на сениорите, минатиот викенд во Келн, но поради строгите регулативи поврзани со пандемијата од корона вирусот, Евролига одлучи да го помести за неколку дена и да ја смени локацијата каде ќе се играат натпреварите.

Како најпогодно место е избрана Валенсија која веќе беше домаќин на еден од квалификациските турнири.

И Македонија ќе има свој претставник на завршниот турнир. Ново промовираниот сениорски репрезентативец Теодор Симиќ, кој со својата Барселона ќе се обиде да дојде до титулата.

Каталонскиот гигант е во групата Б, со Стелаѕура, домаќинот Валенсија и Мега. Прв противник, денеска од 16 часот е Стелаѕура чиј член е Дино Боцевски, кој избра да игра за Србија и во Евролига е пријавен како Србин.

Татковците на двајцата кошаркари, Тони Симиќ и Душан Боцевски беа соиграчи во македонската репрезентација.

Од 3. до 5. јуни се играат натпреварите по групи, а финалето е закажано за 6 јуни. Во него ќе играат двете првопласирани екипи од двете групи.