17.07.2021

„За мене како селектор е привилегија што тројца кошаркари се во А селекцијата“ - потенцира предводникот на младинците

Симиќ: „Кого нема,без него се може, и мора“!

Машката селекија „Под 20“ години е втората која ова лето ќе ги одработи своите задолженија. За некој ден, поточно од 20.јули, во Шопрон ќе стартува ФИБА „Челенџер“ турнирот на кој нашите младинци, барем во првата фаза, ќе одиграат три натпревари (Швајцарија, Романија и Луксембург).

А токму тројца млади кошаркари не се најдоа на финалниот список на селекторот Тони Симиќ за ова натпреварување во Унгарија.  

Лејсон Зекири, Марко Миловановиќ и Андреј Андоноски наместо во младинскиот, ова лето ќе го реализираат во сениорскиот состав.

„Најискрено, за мене како селектор е привилегија што тројца кошаркари се во А селекцијата. Не треба да кашувам нешто повеќе со самито факт што во Шопрон одиме во состав кој беше поинаку конципиран. Зекири, Миловановиќ и Андоноски се со ‘А’ тимот, впрочем тоа е идејата на играњето во овие млади категории. Македонија да има со што да го ‘храни’ најдобриот состав. Драго ми е, но во исто време и жал, што нема да ги имаме на располагање на овој турнир во Шопрон“- потенцира Симиќ

Важноста на натпреварувањата сепак си го направи своето.

„Нема дискусија, разговаравме со селекторот на сениорската селекција Драган Бајиќ. Ги знаеме добро сите кои се нашите приоритети. Најдобрата селекција да има и најдобар резултат, и сите ние сме во служба на сениорите. Секогаш сме тука на располагање. Кого нема,без него се може, и мора! “

Но од друга страна, оваа ситуација е можност плус за некои други кошаркари да го искажат својот потенцијал низ овие мечеви во Унгарија?

„Тоа е најдоброто што во овој момент го имаме. Факт е дека ова е сепак едно ново натпреварување кое со себе носи еден поинаков карактер на натпревари. Не станува збор за еврошампионат, но секогаш мораш да се трудиш и да го дадеш најдоброто од себе. Тоа и ќе го барам од овие 12. Кошаркари кои се најдоа на списокот за Шопрон. Во изминатиот период работевме најдобро што можеме, иако пак ќе кажам, со мали промени во планот за подготовки. Колку и како ќе влијае тоа на резултатите, ќе видиме за некој ден“-  дополнува селекторот пред вечерашното заминување за Унгарија.