21.07.2021

Селекторот на младинската репрезентација со мини анализа на дуелот со Луксембург и она што следува, денеска (16.30 часот) играме со Романија

Симиќ: „Треба да ја спречиме физичката доминација на противниците“

Машката селекција „Под 20“ години имаше успешен почеток на натпреварите на од ФИБА „Челенџер“ турнирот во Шопрон. Во второто полувреме го скршивме отпорот на Луксембург, за покачување на потребната самодоверба и она што следува понатаму.

„Мислам дека игравме и премногу во некој грч, евидентиран во тоа прво, лошо, полувреме. Сепак, треба да се земе в предвид дека четворица кошаркари во овој тим имаат некое поголемо искуство на играње на вакви, европски натпревари. Не сакам да се навраќам дека уште четворица не се тука со нас. Но реков, оние кои сум ги одбрал се тука, ќе играат, со максимум од своите можности. Уште денеска очекувам да изгледаме многу подобро“- анализира селекторот на нашата млада селекција.

Денеска од 16.30 часот, следува дуелот со Романија?

„Загубија убедливо од Швајцарија, гледавме ‘во живо’ две четвртини од тој натпревар. Резултатот не смее да нè залаже. Факт е дека Швајцарија е одлична екипа. Романската е доста физички посилна од нас. Тука ќе биде основниот наш проблем на овој турнир. Ме загрижува скок-играта. Во оие први 40.минути на противникот му дозволивме да нè натскока, и тоа убедливо. Мора многу подобро да го затвораме нашиот рекет. Да се обидеме да ‘фатиме’ и некој офанзивен скок. Романците се физички посилни, ќе мора да ги удвојуваме во рекетот, и да ги спречиме нивните „втрчувања’ кои доста често ги користат за поентирање. Ако тука бидеме добри, мислам дека можеме да стигнеме до нов успех“- дополнува Симиќ.