03.02.2020

Сите заедно -  да испишеме нова историја!

Машката сениорска репрезентација на Македонија за нешто помалку од дваесет дена ќе започне нова етапа за учество во трката за надигрување на најдобрите селекции од Стариот Континент.

 

Европското првенство е закажано за 2021 година, а нашите најдобри кошаркари ќе се борат за пласман на уште еден Евробаскет, веќе од овој месец - февруари.

На 20. февруари, во А1 арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се пресметаат со соодветната национална селекција на Естонија.

Три дена подоцна, во Перм, следува дуелот со националниот тим на Русија.  

Александар Тодоров e нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација.

Новиот предводник на „црвено-жолтите“ јасно кажува дека целта му е да ја однесе Македонија на Евробаскетот 2021 година.

„Со Естонија ќе играме во салата Борис Трајковски, со тренинзи почнуваме на 13 февруари, со желба неколку дена подоцна да одиграме и пријателски меч од затворен тип.

Што се однесува околу противникот, Естонија ни беше ривал пред некоја година, како сила е на наше ниво, но и тие имаат нов селектор, Финец кој работеше во Романија. И тие говорат за подмладување, па на тој прв меч нема да знаат многу за нас, а ниту ние за нив“- вели селекторот Тодоров пред она што следува овој февруари.

 

На нашите кошаркари им треба вашата помош. Им треба такво нешто од нивниот верен шести играч кој ќе даде дополнителна поддршка од трибините. Помогнете им на кошаркарите да испишат нова историја низ страниците на македонската кошарка!

Да и покажеме на Европа што знаеме и умееме!