26.07.2018

Скопје е подготвен за уште еден кошаркарски спектакл

Официјално почнувајќи од утре (петок, 27. јули, 2018 година) во главниот град на нашата Република ќе започне одржувањето на единаесеттото во низа младинско европско првенство односно трето во низа в Скопје. Македонската кошаркарска федерација ја доби довербата од ФИБА да го организира Европското првенство за кошаркари до 18 години (дивизија Б) на кое учество покрај нашата репрезентација ќе земат уште 23 репрезентации од Европа. Речиси сите делегации веќе пристигнаа во Скопје и ги обавуваат првите тренинзи во спортските сали каде ќе се одигра првенството.

Големата сала на Кале ќе биде главната сала, каде ќе се одржи финалниот натпревар и каде впрочем нашата репрезентација ќе ги одигра натпреварите од групната фаза, потоа малата сала при СЦ Јане Сандански, како и големата сала - во првите три натпреварувачки денови, а потоа екипите од оваа сала ќе се преселат во vip арената при СЦ Борис Трајковски

Белорусија, Романија, Португалија, Полска, Норвешка, Швајцарија (група А), Белгија, Унгарија, Грузија, Естонија, Австрија, Азербејџан (група Б), Чешка, Холандија, Израел, Исланд, Луксембург (група Ц), Словенија, Бугарија, Словачка, Шведска, Данска, Албанија (група Д) и Македонија која е сместена во групата Ц ќе се борат за што подобар пласман - идеално во првите три места кои водат кон првата дивизија.

Нашите репрезентативци, предводени од Панче Милевски, Марјан Ѓуров, Никола Велев и од Петар Баснарков, изминатите четириесет дена напорно работеа в Скопје и во Маврово, а одиграа и низа на пријателски натпревари. Желбата е да се повторат успесите од подготвиелниот период, но селекторот Милевски предупреди дека никогаш не треба противниците да се земат здраво за готово.

Јуниорите, сите натпревари од групанта фаза ќе ги одиграат во големата сала при СРЦ Кале, со почеток во 18часот и 45 минути. Влезот ќе биде слободен за сите кои ќе сакаат да ги поддржат кошаркарите од трибините. Натпреварите ќе бидат достапни на LiveStream на YouTube каналот на ФИБА. 

Сите информации (фотографии, линкови до статистика и до снимки ќе бидат достапни на слајдерот прикачен на насловната страница на веб-сајтот на МКФ, а и на следниот ЛИНК.