03.08.2017

Следат подобри денови

Сениорите синоќа го одиграа првиот натпревар во рамки на претквалификациите за СП2019. Избраниците на Давитков загубија со 72-68 на гости против Косово откако на полувремето беа и 20 поени во негатива. Потфрливме во првиот дел, но во вториот се консолидиравме и се доближивме на ’минус 2’, но во финишот среќата беше на страна на домаќинот.

Имаме уште три натпревари за поправка на впечатокот, следат подобри денови.

Беше тежок натпревар. Мислам дека одигравме најслабо откако го преземав кормилото на репрезентацијата. Косово ја имаше контролата уште во првиот период, постигнаа многу поени, најмногу од рекетот каде беа доминантни, па затоа разликата на крајот од првото полувреме беше 20 поени. Знаевме дека Дардан Бериша е оружјето на Косово, тој е вистински лидер и одличен играч. Во вториот дел одигравме многу подобро, но беше тешко да се вратиме од 20 поени негатива во таква атмосфера. Косово имаше непоколеблива поддршка од навивачите. Сè беше совршено во однос на организацијата, безбедносни и други технички делови во овој натпревар – истакна селекторот Давитков по завршување на натпреварот

Со 17 поени, капитенот Војдан Стојановски покрај Џордан Теодор (22поени) беше еден од најефикасните на теренот.

Во првиот дел од натпреварот, Косово одигра одлично. Ние бевме подобри во вториот дел, но домаќинот веќе имаше огромна предност која евентуално им ја донесе победата – дополни капитенот Стојановски.