20.06.2022

На 21. и на 22 јуни, во Подгорица на ред се две пријателски средби со Црна Гора

Следуваат првите „контроли“ за женската У20 селекција

Зад нашиот женски национален тим составен од кошаркарки родени 2002 година и помлади е првиот дел од подготовките.

Оној вториот, по ден одмор стартува денеска, кога оваа наша национална селекција патува за Подгорица, каде утре и задутре, во Подгорица се предвидени и првите контролни натпревари.

Противник на нашите млади кошаркарки ќе биде селекцијата на Црна Гора.

„Пред нас е оној втор дел од подготовките во кој девојките треба да преминат на едно уште повисоко ниво. Во уводниот дел работевме доста и во двете насоки, и физичка и техничко-тактичка подготовка. Па овие две средби против квалитетна селекција каква што несомнено, е Црна Гора, ќе видиме до каде сме стигнале во овој процес на подготвување на селекцијата за она што нè очекува во средина на јули, настапот на ЕП од Дивизијата ‘Б’ во Скопје. За Црна Гора одиме некомплетни, недостасуваат Матеја Николиќ и Илина Селцова, а во деновите кои следуваат ќе видиме и каква е ситуацијата со Ана Цветковска “ – вели пред тргнувањето за главниот град на Црна Гора, селекторот Јелена Антиќ.

За првите „контроли“ во периодот на подготовките, Антиќ смета на следните кошаркарки: Михаела Алексовска, Рина Салиу, Камелија Игнатова, Елена Тасевска, Наталија Секуловска, Теона Поп Стојанова, Матеја Атанасовска, Елиана Христи Граматикова, Сара Максимовска, Марија Димитријевиќ и Моника Зафировска.

 

Рафаела Соултани – дел од стручниот штаб

Стручниот штаб на нашата женска селекција „Под 20“ години, ова лето ќе биде засилен со Рафаела Соултани.

Станува збор за поранешна репрезентативка на Грција, која сеште е активна кошаркарка, но зад себе има и тренерско искуство, кое заедно со селекторот Јелена Антиќ ќе се обиде да им го пренесе на нашите млади кошаркарки во наредниот период, вклучително и низ настапите на шампионатот кој од 9. до 17. јули ќе се одржи во Скопје.