13.06.2024

„Резултатски, амбицијата е да се избориме за опстанок во ‘А’ Дивизијата“- посакува селекторот на репрезентацијата „Под 20“ години

Смилковски: „Сакам да ја подобриме перцепцијата кај играчите и да презентираме добра кошарка“

Големиот предизвик и одговорност што со себе ги носи оваа функција заедно со довербата што ја доби од раководните луѓе на Федерацијата, како што вели, беа и нештата за Боро Смилковски комфирмативно да одговори, да ја прифати поканата да биде селектор на репрезентацијата на Македонија “Под 20“ години, која ова лето ја очекува настап на Европското првенство во полската Гдиња.

А од почетокот на оваа работна седмица, следуваше и стартот на подготвителниот период за оваа наша национална селекција:

„Уште пред извесно време, а заедно со стручниот штаб веднаш започнавме процес на селекција, преку поширок список на играчи дојдовме до некоја оптимална бројка со која го започнавме тренажниот процес и преку која ќе дојдеме до бројката од 12 играчи со кои ќе настапиме на првенството во Полска. Направени се консултации и разговори со играчите, дел од нив се одамна ‘влезени’ во своевидна пред-подготовка со кондицискиот тренер, од самиот старт очекувам играчите да бидат со добра базична подготовка на самиот старт“ – вели предводникот на младинскиот состав по воведните неколку тренинзи реализирани во СРЦ „Кале“ во Скопје.

Европското првенство од „А“ дивизијата со себе носи сериозно, високо ниво на кошарка, и многу (по)квалитетни ривали?

„Резултатски, амбицијата е да се избориме за опстанок во ‘А’ Дивизијата. А кога станува збор за некоја моја, лична цел, тоа е да ја подобриме перцепцијата кај играчите и да презентираме добра кошарка".

Во оној стартен, микро циклус од подготовките, стручниот штаб испланира и неколку „контроли“.

„Испланиравме шест подготвителни натпревари. Два со селекцијата на Црна Гора, и тоа на гостински терен, кои ќе бидат реализирани на 20, односно на 21.јуни. Освен тоа, ќе одиграме и уште четири натпревари во Скопје. Два од нив против соодветната селекција на Словачка, кои се закажани на 28, односно на 29.јуни. Потоа следува и натпревар против една комбинирана колеџ-селекција од САД, кој е предвиден за 4.јули, додека два дена подоцна, ќе ги одмериме силите и против репрезентацијата на Швајцарија. Сосема доволен број на контроли преку кои и ќе го дефинираме ростерот со кој ќе патуваме за Полска, во обид да ги реализираме нашите поставени цели“ – дополнува Смилковски.