24.02.2025

Квалификации за Евробаскет 2025

Со победа над Полска ставаме крај на евроквалификациите

Сениорската репрезентација го затвори циклусот на квалификации за Евробаскет 2025 со победа над Полска со 88-74. Среде Скопје, пред полна СРЦ Кале, достоинствено ставивме крај на квалификациите за заборав, но и најавивме светла иднина.

„Ова е важна победа, што за жал не можеме да ја прославиме со пласман на европското првенство. Секако, можеме да жалиме за првиот меч со Естонија овде, но задоволен сум од она како реагиравме, како одигравме од првата до последната минута. Среќен сум што им се оддолживме на навивачите со победа. Реално, најтешко беше да се мотивираме по оној пораз во Талин, особено што имавме навистина огромна желба да ја добиеме Естонија, имавме одлични 27-28 минути, но за жал не беа доволни да одговориме. Горд сум на моите играчи се професионалци, голем дел од овие играчи се заедно подолг период, сите се свесни зошто се тука и успеавме заедно со кренеме и да стигнеме до победата“, изјави предводникот на селекцијата, Александар Јончевски.

На неговите зборови се надоврза и Лејсон Зеќири, за кого Јончевски немаше дилеми во неговите способности. 

„Селекторот ни даде доверба на сите, веруваше во нас, сите бевме тука едни за други и сето тоа придонесе да се случи она што се случи на теренот – со колективна игра стигнавме до заслужена победа. Пресреќен сум за моите бројки, покажав дека можам да играм за оваа репрезентација, да дадам свој придонес за една голема победа. Верувам дека ако продолжиме со вакви игри пред нашата репрезентација е светла иднина“, изјави Зеќири.