19.02.2018

.

Соопштение до јавноста

Македонската кошаркарска федерација сака да упати честитки до клубовите МЗТ Скопје Аеродром и Вардар кои оваа година ги освоија трофеите во рамки на годинашното издание на КУП натпреварувањето.

Македонската кошаркарска федерација сака јавно да изрази благодарност до градот Кавадарци за гостопримството. Спортската сала „Јасмин“ втора година по ред беше домаќин на дванаесет клубови и беше исполнета до последното место на речиси сите натпревари, а навивачите им дадоа дополнителна мотивација на сите актери во играта на паркетот да внесат повеќе енергија.

МКФ сака да им за заблагодари на сите присутни во салата „Јасмин“ во Кавадарци, Директорот на АМС, градоначалници на општини ширум Републиката, поранешни и сегашни кошаркари и кошаркарки како и сите останати вљубеници во кошаркарскиот спорт кои придонесоа да Куп-турнирот биде вистински празник на кошарката. Со тоа се потврди дека изборот на градот-домаќин беше исправен и во иднина секако се остава можност за организирање на ваков вид на настани.

МКФ сака да се огради од сите немили сцени кои за момент го одвлекоа вниманието од актерите на теренот кон трибините. Во ниту еден случај не можеме да оправдаме неспортско однесување и навивање. Веруваме дека во иднина сите ќе бидеме повнимателни на вакви настани и дека нема да дозволиме истите да се повторат.

Воедно сакаме да изразиме и огромно жалење за случката поврзана со присуството на градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев. Господинот Јанчев беше уредно поканет од страна на МКФ, а неговиот кабинет го потврди присуството како и учеството во церемонијата за доделување на пехари. Имено, градоначалникот беше спречен да влезе со неговото возило до самиот објект поради недоразбирање и лоша комуникација на службените лица и лицата за безбедност на настанот. Градоначалникот со неговото возило пристигна во исто време како и навивачката група на клубот Работнички и поради безбедносни причини поради тензичната толпа, тој не бил пуштен да влезе со возилото во објектот на салата. Со оваа информација сакаме да потенцираме дека не постои никаква позадинска причина за отсуството на градоначалникот туку едноставно станува збор за недоразбирање помеѓу службените лица.