Во текот на минатата седмица до адресата на Македонската кошаркарска федерација пристигна барање од кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром во врска со промена на член од Регистрацискиот правилник со кој е дефиниран бројот на странски играчи во една сениорска екипа која се натпреварува во Првата лига (мажи). Предлогот веднаш беше поздравен од раководството на МКФ кое изминатите три години се залага за истата кауза.
Со претставниците на Прволигашите беше договорен состанок за разговарање на оваа тема, но на денешниот планиран состанок се појавија само двајца претставници на клубови (иницијаторот КК МЗТ Скопје Аеродорм и КК Шкупи) од вкупно дванаесет учесници во прволигашките натпреварувања.
Крајно сме разочарани од незаинтересираноста на поголемиот број на прволигашки клубови за денешната средба по клучното прашање – намалување на странски играчи во лигата.
Сметаме дека средбата организирана од Македонската кошаркарска федерација, на барање на КК МЗТ Скопје Аеродром, требаше да биде стартна иницијатива за разговор преку бројки и преку факти по даденото прашање за да послужи како појдовна точка на изнаоѓање на конкретно решение за подобрување на условите и на квалитетот на лигата. Се надеваме дека во иднина ќе наидеме на разбирање и кај останатите клубови и дека ќе бидат позаинтересирани кога станува збор за кошаркарскиот спорт и иднината на истиот.