Иако во изминатиот период, КФСМ веќе разговараше со претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, и постигна едногласна согласност, дека не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи за оваа натпреварувачка сезона, го разгледа предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, и истиот го постави на изјаснување пред другите претставници на Здружението на Прва лига-мажи.
Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, ги разгледа сите ставови доставени од страна на претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, кои се однесуваат на предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, за и околу продолжение на натпреварите во Првата лига-мажи за сезоната 2019/2020.
Врз основа на добиените одговори од страна на сите девет клубови, учесници во натпреварите во Прва лига-мажи (покрај МЗТ Скопје Аеродром како предлагач), кои беа едногласни, и ги потврдија претходно изнесените ставови (освен предлагачот, КК МЗТ Скопје Аеродром, и КК МЗТ Скопје Уни-Банка), одлучено е дека, во овој момент не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи.
Согласно со тоа, овој заклучок донесен во консултации со претставниците на сите екипи учесници во натпреварите во Прва лига-мажи, ќе биде доставен и даден на усвојување на наредната седница на Управниот Одбор на КФСМ.
ПОЕДИНЕЧНО ИЗЈАСНУВАЊЕ НА КЛУБОВИТЕ:
КК МЗТ СКОПЈЕ УНИ-БАНКА
„КК МЗТ Скопје Уни-Банка се согласува со предлогот“
КК РАБОТНИЧКИ
„КК Работнички си останува на истиот став дека шампион се станува на терен, а не во канцеларија. Како единствена пречка ни е пандемијата каде е секаде во светот и притоа бевме приморани на престанок на договорите со странските играчи кои по своја желба си заминаа поради затворањето на граничните премини. За жал, за повторно да се отпочне да се игра по овој распоред, КК Работнички нема да може да одигра ниту еден натпревар поради малиот број на играчи“.
КК АКАДЕМИЈА ФМП
„Не се согласуваме со предлогот МЗТ Скопје Аеродром за доигрување на сезоната“.
КК ВАРДАР
„КК Вардар од Скопје, како учесник во Првата машка кошаркарска лига, е против продолжувањето на сезоната 2019/2020. Нашиот став произлегува од недостатокот на временска рамка во која кошаркарите соодветно би се подготвиле за продолжување на натпреварувачката сезона и можноста на спортски план да го максимизираат својот натпреварувачки учинок. Истовремено, секое финално натпреварување во летниот период ќе го загрози процесот на периодизација и подготовка за новата натпреварувачка сезона, 2020/2021. Во такви услови, периодот на развој на играчите ќе биде жртвуван за натпреварувачки дел кој нема да ги прикаже реалните квалитети на тимовите, со што натпреварувањето ќе се девалвира, а можноста за спортски повреди во наредниот период ќе се зголеми. Нашиот искрен став произлегува од општото добро на спортистите кои се носители на резултатите во спортот. Со мисла дека нашиот став ќе биде добронамерно прифатен и дискутиран, оставаме на раководството на КФСМ да ја донесе конечната одлука која ќе биде во интерес на сите спортски субјекти“.
КК КУМАНОВО 2009
„Во врска со предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, ДСД Куманово 2009, ВЕ ИЗВЕСТУВА дека ние сме ПРОТИВ ваквиот предлог и остануваме дека првенството НЕ СМЕЕ ДА ПРОДОЛЖИ заради заштита на здравјето на играчи и стручните штабови на клубовите, и дека НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ШАМПИОН, став кој веќе го зазедовме како еден од предлозите на КФСМ на последниот состанок на клубови од Прва лига-мажи“.
КК ГОСТИВАР
„КК Гостивар категорично е против ваквите предлози, оценувајќи ги како несуштински и несериозни“.
КК ПЕЛИСТЕР
„КК Пелистер АД – Битола е ПРОТИВ предлогот од страна на екипата на МЗТ Скопје Аеродром. Лигата е веќе едногласно завршена и нема потреба од додатно комплицирање на ситуацијата. Останува уште Управниот Одбор на КФСМ да одлучи на кој начин истата е завршена“.
КК КОЖУВ
„Предлогот не се прифаќа“
КК ЕУРО НИКЕЛ 2005
„Во врска со дописот од КК МЗТ Скопје Аеродром-Скопје сакаме да Ве известиме дека МКК Еуро Никел 2005-Кавадарци е ПРОТИВ предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром-Скопје, за продолжување на лигата, и нашиот клуб е ПРОТИВ продолжување на лигата“.