Досега многу ретко, подобро речено речиси воопшто, како една вистинска професионална организација, раководството на федерацијата, не сакаше да реагира на сите оние пишувања, толкувања, коментари, пред сè крајно негативни за нашиот спорт.
Поттикнати од последните „ставови“ изнесени од МЗТ Скопје Аеродром во средствата за јавно информирање, нашата федерација почувствува потреба да го искаже својот став, своите размислувања, свои констатации поврзани со актуелниот момент.
„Можеме само да констатираме дека, МЗТ Скопје Аеродром ќе беше доста поинформиран во врска со ситуацијата, со плановите на федерацијата со начинот на реализација околу организирањето на првенствата, доколку некој од нив најдеше време, доколку имаа доблест и дојдоа на состанокот на кој се појавија сите други клубови, освен МЗТ Скопје Аеродром.
Со нивното однесувања претставија едно големо непочитување кон федерацијата и особено спрема клубовите, нешто што не доликува на еден голем клуб како МЗТ Скопје Аеродром.
Влегување во лични и суетни пресметки, поединечно со клубовите, како и со федерацијата, не е начин на изнаоѓање на решение за унапредување на спортот.
Доколку претставник на трофејниот клуб се појавеше на состанокот, ќе беа информирани за сите заеднички договарања на федерацијата со клубовите членови на Првата лига.
Освен тоа, зачудува фактот дека МЗТ Скопје Аеродром како клуб кој има добиено најголем вредносен ваучер од страна на државата, односно средства кои се приближно на оние кои што ги има добиено федерацијата, се почувствувал потценет, односно загрижен за својата финансиска иднина, што во тој случај треба да кажат другите клубови?
Изгледа забораваат, намерно или не, дека другите клубови кои добија значително помали средства, си го пронајдоа својот пат за функционирање во услови на криза која ја донесе пандемијата предизвикана од КОВИД-19.
Доста често од МЗТ Скопје Аеродром ги споменуваат термините федерација, шампион, титула...
Ние неколку пати повторивме дека титулата се освојува на терен. И тоа дека федерацијата не е таа која го доделува пехарот, односно шампионската титула.
Клубовите, на заеднички состанок, го кажаа својот збор, за нас-важечки!
Всушност, долго време се прашувавме што е поентата на „освојување на титула“, бидејќи клубот ги има сите привилегии кои со себе ги носи освоеното прво место во државниот шампионат.
Да не се повторуваме, на крајот, дали поважно од тоа е делот од договорите кои нивниот менаџерски тим ги има склучено со клубот, а во кои можеби многу важна ставка е токму тоа - шампионска титула. Големи бонуси кои би ги добиле при освојување на пехарот наменет за најдобрата екипа во државата.
Односно да се чувствуваат како злоупотребени од страна на федерацијата затоа што не ги добиле тие, не баш мали, средства од договорот со клубот.
Велат дека се грижат за своите играчи... Тогаш како во период на криза, играчите коишто се репрезентативци на Македонија, останаа недоисплатени од нивна страна, а менаџерските плати се реализирани до последен денар?!
Стигнаа да се испофалат во јавноста дека се откажале од државните пари, од средствата кои државата ги намени за оние кризни месеци, а од друга страна, си ги наплатија личните доходи, и оној „минималец“ за тренерите во нивните младински категории?!
И навистина не е добро што, клуб кој е предводник во македонската кошарка, и треба да им помогне на оние другите, на условно кажано помалите, сега излегува и бара помош, а сите останати, патем кажано, со доста помали ваучери добиени од државата, ги реализираат своите планирани активности.
МЗТ Скопје Аеродром како голем клуб, заслужува и исти такви луѓе-предводници, кои не лечат лични фрустрации, не се таму за задоволување на некои лични ега и суети, токму преку клубот.
Искрено се надеваме дека во иднина, МЗТ Скопје Аеродром ќе партиципира многу повеќе во активностите и на клубовите и на федерацијата. И пред сè, да биде повеќе информиран во врска со тоа, а не за истото да прашува преку посредници што се случува во кошаркарскиот спорт во нашата земја.
Дека ќе престанат да се занимаваат со разно-разни шпекулации, да бидат „жолт печат“ преку своето „средство за информирање“.
Дека ќе се сконцентрираат на работи кои и носат добро на кошарката во Македонија.
Дека вратите во федерацијата се секогаш отворени за сите клубови, и дека федерацијата работи, тука е за секого, за сите оние добри луѓе, што всушност го докажува и фактот дека има одлична соработка со сите клубови.
И дека токму на МЗТ Скопје Аеродром му прилега да се сконцентрира „долу“, на теренот. Да игра кошарка, а не да ги полни социјалните мрежи, и порталите со вакви свои писанија.
Нашата федерација се грижи за работата на клубовите, и за таа цел во наредниот период ќе бидат организирани низа на средби и состаноци на кои ќе бидат презентирани мерки кои што се веќе изготвени, и кои што ќе бидат презентирани пред клубовите и заеднички усвоени.
И очекуваме дека на тие состаноци МЗТ Скопје Аеродром ќе најде доблест, ќе биде присутен, со свои конструктивни предлози и сугестии, на вистински начин да помогне во изнаоѓање на вистински решенија, и дека ќе ја напушти својата претходна пракса на отсутност на состаноците“.