Согласно со сите пропозиции за натпреварување кои се во ингеренции на ФИБА, Македонската кошаркарска федерација ги спроведе сите потребни активности кои се поврзни со реализација на ноемврискиот „прозорец“ на ФИБА во кој е предвидено одигрување на два натпревари од третото односно од четвртото коло од групата „Д“ од претквалификациите за Еверобаскетот 2025, против селекциите на Норвешка и на Данска.
Во оваа прилика сакаме да ја информираме јавноста, дека сите зборови упатени од страна на националната федерација на Норвешка, поставени на нивниот веб-сајт, а пренесени на дел од нашите медиуми, поврзано со условите во Гевгелија, каде вечерва ќе се игра натпреварот, звучат како неверојатни. А уште повеќе како обид на гостинската делегација да се направи дополнителен притисок во реализација на некои само ним познати намери.
Вистината е сепак малку поинаква...
Вели дека раководството на кошаркарската федерација на Норвешка имаше слободен избор и на транспортот, но и на сместувањето во Гевгелија, каде одлучивме да се одиграат овие два натпревари.
Преку нашата канцеларија, во определениот временски рок поставен од страна на ФИБА, беа информирани за сите детали поврзани со одигрувањето на натпреварот.
Тие, а не ние, одлучија сместувањето да биде во хотелот „Kazino Flamingo Hotel“ во Гевгелија, еден од најреномираните во нашата земја, од највисока категорија, рангиран со пет ѕвездички.
Како секогаш добри домаќини, им беа понудени неколку солуции. Но, одлуката, што каде и како, беше исклучиво нивна.
Нашата федерација (на)прави се, гостите од Норвешка да се чувствуваат како да се дома. Оттука зачудува нивниот, помалку и непријателски однос кон сите оние напори кои ги направи нашиот тим, вклучително и нашите пријатели од општина Гевгелија, во изминатиот период, овој меч да биде реализиран на највисок можен стандард, одборено од страна и на официјалните лица на светската кошаркарска федерација, во прв ред делегатот на натпреварот.
За оние кои го оцрнија сиот овој организациски однос oд наша страна, би сакале да им кажеме дека проблемите треба да ги бараат на друго место.
На пример, во нивните редови, особено ако се знае, какви услови нудат тие како домаќини на натпреварите на кои се во улога на домаќини.
Односно гостите да бидат сместени во град (Берген) кој е со стотици километри одалечен од најблискиот аеродром до кој се стигнува од разни дестинации од Европа. Дека е потребно вистинско мало чудо да се дојде до таа дестинација, одредена за одигрување на еден официјален натпревар во рамките на ФИБА. Како што тоа беше примерот на последниот натпревар, против селекцијата на Данска.
А во меѓувреме, како и досега, ние секогаш ќе бидеме љубезни домаќини!