Македонската кошаркарска федерација сака да ја информира јавноста, поврзано со одлуката на организаторот и домаќинот на завршниот турнир од државниот Куп „Благоја Георгиевски - Буштур“, во машка сениорска конкуренција за 2024 година, а во врска со недозволување на организирани навивачки групи на клубовите кои се натпреваруваат во полуфиналната етапа односно навивачките групи на клубовите меѓу кои има ривалска историја – МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Наспроти тенденциозното известување на одредени медиумски куќи, потсетуваме дека Кошаркарската Федерација на овој завршен турнир НЕ Е ОРГАНИЗАТОР.
Сите аспекти за непречен тек на завршниот турнир се предадени на КК Пелистер, во целост.
Екипите-учеснички на овој завршен турнир од Купот беа известени за формирање на двојките како и понатамошното „вкрстување“ до финалето, преку канцеларијата за Сениорски лиги и Комесарот за натпреварување при КФСМ, дека согласно пресекот на лигата по завршување на првиот дел, или одиграните единаесет (11) кола, е 9. декември 2023 година.
За потсетување, извадок од Технички одредби за Куп кој гласи:
Согласно членот 1.6 од Правилникот за натпреварувањата во кошаркарскиот Куп на РСМ, „Благоја Георгиевски Буштур“, двојките за натпреварите се утврдуваат врз основа на пласманот на екипите од тековната натпреварувачка сезона, по завршувањето на првиот дел, односно после 11 одиграни кола во Првата лига - мажи.
Жалиме што двете скопски екипи, и покрај тоа што формирањето на двојките за турнирот кое најави потенцијално ‘скопско вечно дерби’ среде Битола, не успеаја навремено да се подготват и да го најават своето присуство.
Само за потсетување, Кошаркарската федерација изготви прирачник со сите неопходни информации потребни мерки за правилна организација на кошаркарските натпревари во кој, меѓу другото, е потенциран извадокот:
Гостинскиот клуб кој учествува на кошаркарскиот натпревар должен е:
Да ја извести КФСМ и клубот организатор на натпреварот за организираното доаѓање на неговите навивачи, најдоцна 72 часа пред почетокот на кошаркарскиот натпревар;
Организаторот, КК Пелистер, бил известен телефонски за присуство на навивачката група на КК МЗТ Скопје Аеродром нешто пред полноќ (на 15.02.2024г.) иако клубот го заврши својот четвртфинален натпревар околу 14:00 часот и обезбеди пласман во полуфиналето, додека КК Работнички го известила организаторот за присуство на навивачка група денеска, на нешто помалку од 10 часа пред одигрување на полуфиналниот натпревар и покрај тоа што пласманот беше обезбеден околу 19:00 часот претходниот ден.
Кошаркарскиот Клуб Пелистер, како организатор на овој завршен турнир од државниот Куп, се обиде да изнајде решение. Но со задоцнетото најавување на двете навивачки групи и карактерот од висок ризик на натпреварот не дозволи занемарување на прекршочните одредби од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските терени на РСМ, како и прекршоците и казните поврзани со насилство и недостојно однесување согласно Пропозициите за натпреварување на КФСМ.
Жалиме што името на Кошаркарската федерација повторно тенденциозно се валка од поединци, претставници на одредени медиуми и групи кои се обидуваат топката, односно вината, да ја префрлат на наша страна.
Жалиме и што беспрекорната организација на Куп-турнирот од страна на КК Пелистер поединци се обидуваат да ја зацрнат со задкулисни игри.