Почитувани,
Во текот на оваа работна недела, зачестено е јавувањето на родители во федерацијата кои бараат информации поврзани со „големите“ котизации за наредната натпреварувачка сезона (2025/2026) кои наводно ги барала федерацијата.
По тој повод, како Македонска кошаркарска федерација, би сакале да ве известиме:
1. Пред почетокот на секоја натпреварувачка сезона, вклучувајќи ја и оваа (2024/2025), до сите клубови кои се пријавуваат за натпреварување во некоја од младински категории се испраќаат сите информации поврзани со условите за натпреварување во тековната сезона.
2. Истите информации се преточени во системи и календари за натпреварување и се усвоени од страна на УО на КФСМ (23.09.2024 година);
3. КФСМ, за пријава на клубови во младинските лиги веќе неколку сезони наназад, воведе еднократна котизација во износ од 100 евра во денарска противвредност само со цел да ја спречи несериозноста на некои клубови од типот „играм, па не играм“, затоа што со таков однос се нарушуваат и системот и календарот за натпреварување;
4. Сите парични средства кои се уплаќаат во федерацијата по основ на котизации, потоа се враќаат на клубовите како награден фонд - за првите четири (4) клубови, по завршетокот на секое првенство, согласно со пласманот.
Согласно претходното, Македонската кошаркарска федерација (КФСМ), како и пред некоја година повторно сака да ја информира и потсети јавноста – особено родителите на младите кошаркари и кошаркарки – во врска со плаќањето на котизациите за учество во младинските лиги.
Со ова соопштение, јасно истакнуваме дека котизацијата за учество во лига е трошок што треба да го сноси клубот, а не играчите или нивните родители.
Кошарката треба да биде спорт достапен за сите деца подеднакво – а не привилегија на оние со поголеми финансиски можности. Клубовите се должни да создадат услови во кои секое дете што сака да тренира и напредува ќе има еднаква шанса, без финансиски бариери при селекцијата.
Федерацијата апелира до сите родители кои се чувствуваат злоупотребени или доведени во заблуда од страна на одредени клубови – да пријават вакви случаи. Доколку се утврди дека од родителите се барало да уплатат средства за котизација, клубовите ќе се соочат со соодветни санкции.
Само заедно можеме да изградиме фер и праведен систем во кој секое дете ќе има можност да го живее својот спортски сон.