22.03.2017

по повод написите од страна на КК Кожув

Соопштение од Судиската комисија на МКФ

Врз основа на написот објавен во медиумите од страна на кошаркарскиот клуб Кожув, Судиската комисија при МКФ го дава следното соопштение.

Во гореспоменатиот напис во врска со одиграниот натпревар од второто коло на Супер лигата помеѓу КК Кожув и МЗТ Скопје Аеродром на ден 18.03. 2017 година се споменати и судиите кои биле делегирани на тој натпревар во негативна конотација. Овој начин на комуникација на клубовите не е непознат на Судиската комисија и истиот со години наназад во одредени периоди и од различни клубови се повторува пред почетокот или на почетните натпревари на Супер лигата или Плејаут лигата. Истиот всушност значи притисок врз судиите и телото кое ги делегира истите за да внимаваат кои судии се делегираат и како истите судат за одреден клуб.

Имено, по одигрувањето на натпреварот и по увид во целокупната документација од истиот доставена од делегатот на натпреварот може да се утврди дека клубот составувач на написот со никакво дејствие предвидено во актите на МКФ не приговарал на судењето на судиите. Напротив, од страна на судиите има пријава за одредено лице од клубот. Од тие причини доколку клубот сметал дека со таков начин на делење на правдата бил оштетен на кој било начин имал можност преку форми предвидени во актите на федерацијата да го канализира тоа. Од тие причини сметаме дека наводите во написот од страна на кошаркарскиот клуб – составувач на истиот се неосновани, паушални и крајно субјективни и истите одат во правец на вршење притисок врз судиите и телото кое ги делегира истите за понатамошниот тек на првенството.

Во овој контекст, врз основа на расположливите докази судиската комисија на МКФ ќе поведе постапка предвидена во актите на федерацијата пред телата на истата.

Ги замолуваме клубовите учесници во сите нивоа на натпреварувања во организација на МКФ во иднина да се воздржат од вакви паушални и неосновани написи бидејќи истите не водат кон напредување на кошарката.

 

Претседател на Судиска комисија при МКФ,
Димитар Терзовски