20.10.2025

Почнаа возбудувањата во женската елитна конкуренција – без изненадувачки резултати

SPARKASSE LIFE – ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ: Силен почеток на Крива паланка и Вардар, Бадел 1862 некако го освои Кавадарци

ФОТО: „Вардарки“ имаа сигурен старт во новата сезона, лесно го совладаа Спорт тим

Без изненадувачки резултати, во првото првенствено коло од SPARKASSE LIFE Првата лига-жени. Три натпревари во кои фаворитите ги однесоа победите. Вардар и Крива паланка делуваа убедливо, додека доста неизвесно се играше во Кавадарци, каде Бадел 1862 успеа да дојде до победата против силно мотивираниот состав на Пробаскет. 

ВАРДАР – СПОРТ ТИМ 94:50

Одличен почеток имаа кошаркарките на Вардар во дуелот со Спорт тим. За десет минути реализираа дури 33, а примија само 11.поени, за висок плус од 22.поени. Згора на тоа сите пет стартери во екипата која ја води тренерот Александар Ашаданов влегоа во поентерски ритам, што беше тешко за бранење за гостинките од Неготино,

Многу порамноправно се играше во вторта четвртина, со забелешка дека домашната екипа во тој дел од мечот, играше практично со втората петорка. Доволно за гостинската екипа да „симне“ дел од високата негатива која ја имаше по само десет минути. Намали Спорт тим на (22:37), потоа и (29:45), но не и нешто повеќе од тоа.

На крајот на првото полувреме Вардар водеше со 20.поени вишок (53:33). А Тасевска, Пислевска и Трајковска веќе имаа повеќе од десет реализации на своето конто. На другата страна парираше странскиот двоец Веселиновиќ-Лукиќ (искомбинираа 19.поени).

Во оние други 20.минути, „вардарки“ рутинерски ја одработија првата работна задача во новата сезона, згора на тоа ја зголемија и онака високата разлика.

Комплетната почетна петорка даде најмалку десет поени. Ја предводеше Трајковска, со дабл-дабл скор од 20.поени и 10.скока. Тасевска постигна 17.поени. Пислевска заврши со 15.реализации. По десет поени реализираа уште Митева и Зафировска, додека како резервист, Џангаровска додаде 11. 

Во екипата-гостин, Лукиќ имаше 17, а Веселиновиќ 13.поени, но и 12.скока

ПРОБАСКЕТ – БАДЕЛ 1862 83:87

Иако во најголем дел од првото полувреме, кошаркарките на Бадел 1862 ја имаа предноста, пред крајот на тој дел од играта, домашните кошаркарки успеаја да стигна до егал-резултат, изедначија на (39:39).

Но првото полувреме „баделки“ сепак го решија во своја корист, преку расположената Ива Чолакоска, се вратија во водство (45:39).

И иако останаа уште 20.минути, девојките во „сино-жолта“ комбинација не дозволија по втор пат на мечот противникот да се врати, пред се, резултатски.

Успешно ја одржуваа предноста, која по три периоди беше и уште повисока (68:56).

На почетокот на последната четвртина, Бадел 1862 поведе и со уште повисоки (71:56). Во средишниот дел, по 26.поен на Американката Томас, домашната екипа намали на едноцифрен минус (69:78). Така беше се до претпоследната минута од мечот во салата „Јасмин“, (79:86).

А во оние седумдесет и кусур секунди, нов налет на кавадарчанки. Реализираше со продолжение на серијата на поентирање, по која се доближија на само три поени (83:86).

Но и доволно време, 55.секунди, за комплетно враќање во мечот.

Бадел 1862 успеа да ја одбрани предноста и да дојде до победата на првото гостување во новата сезона.

Марија Николов беше блиску до двоен ефект, затоа што на 23.поени, додаде и девет асистенции, имаше и четири скока. На својот прв меч за Бадел 1862 по враќањето од САД, Ива Чолакоска реализираше 22.поени (имаше и четири скока), а двоен број на поени, 18, имаше Клири (плус и десет скока).

Во екипата на Пробаскет, четири од пете стартери завршија со двоен број ан реализации.

Американката Томас оствари и дабл-дабл од 29.поени и 18.скока, Јовановиќ запиша 23.поени (и седум скока), Блажевска даде 14, исто толку имаше и Стоева.

КРИВА ПАЛАНКА – ПАТРИОТ 103:44

Со оглед на номинацијата, екипите на Крива паланка и на Патриот 2016 ја имаа честа да ја отворат новата сезона во „SPARKASSE LIFE“ Првата лига во женска конкуренција.

И би се рекло, очекувано, сигурна, и повеќе од убедлива победа на домашната екипа. која ги искористи сите свои предности (а ги има доста) во однос на младиот тим од Делчево, и преку еден посилен тренинг стигна до првите бодови во новата сезона.

Уште во првите десет минути од играта стана јасно кој е кој на теренот во салата „Бранители 2001“ во Крива паланка. Период во кој домашните кошаркарки обезбедија големи (35:9), кои до крајот на првото полувреме скоро ги удвоија на (60:18).

Најголем дел од поените за Крива паланка ги постигнаа трите странски кошаркарки. Пул даде 26, Ниехуес и Грин имаа по 25, додека двоен број на поени, вкупно 12 имаше Алексовска.

Во гостинската екипа, 18. поени даде Рашова.

Инаку, својот меч од првото коло во новата сезона, екипите на МЗТ Бела вода и Баскет кам ќе го одиграат на 22 октомври (среда) во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, со почеток од 18.30 часот.

SPARKASSE LIFE – ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО

Крива паланка – Патриот 103:44

Пробаскет – Бадел 1862 83:87

Вардар – Спорт тим 94:50

22. ОКТОМВРИ (СРЕДА)

18.30: МЗТ Бела вода – Баскет кам

СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/AD5G__3AC0g?si=ZIjWFAV6gyei4FAo