Спортскиот директор на нашите национални селекции, Тодор Гечевски ја објаснува моменталната ситуација, поврзана со не-повикувањето на Ненад Димитријевиќ за овој ноемвриски квалификациски циклус за пласман на ЕП 2022 година.
„Сакам да појаснам некои работи поврзани со наводен случај кој се создава во нашата кошаркарска јавност, поврзан со Ненад Димитријевиќ. Тој дојде во Скопје, и денеска разговарав со него, за ситуацијата во која се најде откако поради корона вирусот во изминатиот период не беше во состојба да ги извршува своите професионални обврски“ - потенцира Гечевски.
Веројатно е дека многу работи ќе бидат познати во рок од 24. часа. Односно откако Димитријевиќ ќе ги помине оние детални здравствени прегледи.
„Пред сè, за нас, а и за сите други, најважно е неговото здравје. Ќе видиме дали и колку во овој момент Ненад е подготвен да одговори на барањата кои со себе ги носи еден турнирски систем на натпреварување како овој што следува во Талин. Друг непознат момент е што во рок од четири дена, според протоколот на ФИБА, тој мора да има два негативни теста од Covid-19. Затоа, кога ќе ја имаме неговата комплетна здравствена слика, ќе знаеме кои ќе бидат следните чекори“- појаснува спортскиот директор на нашите национални селекции.
Македонскиот сениорски национален тим денеска е на пат за Талин каде на 28. и 30. ноември ги чекаат дуелите од „Б“ квалификациската група, со селекциите на Италија и на Естонија.