25.04.2017

Средба на Петар Наумоски со Амбасадорот на БиХ во Македонија

Нејзината Екселенција Лепа Бабиќ, Амабасадорот на Босна и Херцеговина во Република Македонија, денес ја посети канцеларијата на Македонската кошаркарска федерација. Со претседателот на МКФ, Петар Наумоски, таа и Советникот Јасмин Гагула одржаа куса средба на која главна тема беше соработката на Амбасадата на Босна и Херцеговина и МКФ.

На состанокот, Нејзината Екселенција ја искажа својата поддршка за спортот во Република Македонија ставајќи акцент на активностите на кошаркарите и кошаркарките од сите возрасни категории чии натпреварувања ги организира Македонската кошаркарска федерација.

Оваа календарска година сениорските национални селекции на Босна и Херцеговина и во машка и во женска конкуренција ќе гостуваат во Скопје на различни турнири.

Сениорската репрезентација во машка конкуренција уште една година ќе биде гостин на „Трофеј Македонија“ кој ќе се одигра кон крајот на месец јули додека женската ќе биде дел од турнирот кој ќе биде организиран во Скопје на почетокот на месец јуни.

Покрај нив, во Скопје ќе гостува и националната селекција до 16 години во женска конкуренција која ќе се натпреварува на Европското првенство за девојки до 16 години, Дивизија Б (17-26 август).