31.10.2022

Во хотелот „Парк“ во Скопје, и првиот канал на МРТ, промовиран документарниот филм посветен на легендата на македонската кошарка.  

„Среќна 13-ка“ - Буштур како освојувач, охрабрувач, како обединувач...

Буштур беше таков, освојуваше, охрабруваше, обединуваше...

Затоа луѓето кои се решија да направат еден документарен филм посветен за една од најголемите легенди на македонската кошарка, Благоја Георгиевски-Буштур, го одбраа како работен наслов за ова дело кое веќе по она „прво гледање“ си го најде своето место во историјата.

На посебна, мала и скромна свеченост, во хотелот „Парк“ во Скопје, а паралелно и на првата програма на Македонската радио телевизија, Македонија, пријателите, соиграчите, сите оние кои со нив го делеше и доброто и лошо, нашиот Буштур, можеа да го видат документарниот филм за неповторливиот Благоја Георгиевски.

За „Буштур мајсторе“, како што тоа беше честито извик на публиката во „Градски парк“, но и на други места ширум некогашната држава, Европа, низ светот...

„Некои можеби не знаат, но вечерва ќе се потсетат на тие времиња од седумдесеттите кога Благоја Георгиевски-Буштур беше прво име на македонската кошарка. Кога играше на Европски првенства, на Олимпијади, освојуваше медали на Балканијадите, на Медитеранските Игри. Ова е вечер и за носталгија, меѓутоа оваа е и вечер за сите нас, да се потсетиме или пак да научиме нешто.

А нашето мото беше ‘Македонија не ги заборава и не смее да ги заборави своите херои’. Во овие времиња во кои што живееме, ако ние од Македонската радио телевизија ја добиеме поддршката и го оцените филмот како добар, ќе продолжиме да ги истакнуваме нашите херои. Пред се, за да дадеме можност нашата младина да се сеќава каков беше нивниот придонес за Македонија. Со надеж, сите ние да изградиме едно поубаво и посреќно општество за сите“- порача Тони Стојановски, по чие сценарио е склопена „Среќна 13-ка“, а режирана од уште еден Тони, Ристовски.

На радост на среќа на задоволство на сите присутни. Кај еден Лазар Лечиќ, неговиот кошаркарски „татко“, кај Александар Књазев, Драган Радосављевиќ, Јорданчо Давитков, Борче Серафимовски, кај Ѓокица Лукаревски, неговиот „градски пајташ“, кај сите од семејството Георгиевски, кај неговиот син Борјан, најзаслужниот што во стил на неговиот татко, ги обедини, ги спои во една голема група, за нешто што трае час и половина, како вистински потсетник, кој всушност беше Благоја Георгиевски-Буштур.

Што за него имаа да кажат и некои други великани на светската кошарка, на големи имиња на југословенската кошарка како Иво Данеу, Никола Плеќаш, Зоран „Мока“ Славниќ, Жељко Јерков, Дамир Шолман, Среќко Јариќ, Дуци Дамјановиќ, Мирко Новосел и Светислав Пешиќ, но и нашите кошаркарски величини, браќата Јанко и Митко Луковски, Стерија Андоновски, Ѓорчевски, Кацарски, секако и Васил Тупурковски, човекот без кој дури и Буштур тешко функционираше, а некогаш беше и во улога на прв човек на кошарката во СФРЈ.

Ова мало ремек-дело, го изгледавме заедно, во еден здив, се потсетивме уште еднаш, кој беше, што беше Буштур

Без втора, без трета мисла, споделено до сите, за навек!

ФОТОГРАФИИ - ФОТО СТУДИО „ДЕСО“СКОПЈЕ