Работнички, МЗТ Скопје Аеродром, Блокотехна, Гостивар, Кожув, Куманово, Фени Индустри, АВ Охрид, Пелистер, Вардар и Шкупи се единаесетте тима кои изминатите шест месеци се надигруваа меѓусебе во рамки на (дотогаш) највисокиот степен на натпреварување во машка сениорска конкуренција – Првата лига.
Според системот на натпреварување и календарот, утврдени пред почетокот на натпреварувањето, половина од натпреварувачите ќе продолжат да се борат за шампионската титула додека преостанатата половина ќе се натпреваруваат меѓусебе за опстанок во елитната конкуренција.
Првите шест тима на табелата во ПЛМ (Работнички, МЗТ Скопје Аеродром, Блокотехна, Гостивар, Кожув, Куманово) ќе продолжат во Супер лигата додека останатите пет тима пласирани од седмата до единаесеттата позиција на табелата (Фени Индустри, АВ Охрид, Пелистер, Вардар, Шкупи) ќе играат во Плејаут лигата.
Натпреварите ќе започнат да се одигруваат првиот викенд во април (6. и 7.), а предвидено е двете лиги да завршат на 18. мај. Потоа следи плејоф разигрувањето по Супер лигата односно бараж натпреварите на последно пласираниот во Плејаут лигата со второрангираниот од Втората лига за опстанок во ПЛМ.
Првото коло од Плејаут лигата ќе се одигра в сабота (6. април). Шкупи в Скопје ќе го нагости тимот на АВ Охрид (11:00) додека два часа подоцна Вардар ќе гостува во Битола кај Пелистер. Кавадарчани од Фени Индустри се слободни во првото коло.
Првото коло од Супер лигата ќе започне в недела со натпреварите помеѓу Куманово и Работнички (17:30) односно Кожув и МЗТ Скопје Аеродром (18:00), а истото ќе биде комплетирано в среда (10. април) со дуелот помеѓу Блокотехна и Гостивар (17:00).
Комплетните распореди од двете лиги може да се погледнат на следните линкови
СУПЕР ЛИГА
ПЛЕЈАУТ ЛИГА
Македонската кошаркарска федерација им посакува фер-плеј и добра игра на сите учесници.