Со сосема променет систем за натпреварување, зголемен број на екипи учесници утре навечер ќе стартува новото издание на АБА 2 лигата.
Промените вклучуваат поголем број на клубови кои легоа во оваа второлигашка јадранска конкуренција, што од друга страна „предизвика“ и промени во системот за натпреваруавње.
Менџаментот на АБА лигата процени дека наместо оние т.н. „балони“, односно турнири во текот на натпреварувачката сезона кои „беа на сила“ во измиантите неколку сезони (условени со појавата на корона-вирусот), да бидат формирани четири натпреварувачки групи („А“, „Б“, „Ц“ и „Д“) во кои ќе има и по четири екипи-учесници.
Во првата фаза секоја од 16. екипи ќе одигра по шест натпревари, три на домашен и исто толку на гостински терен. По шест одиграни кола, првопласираните две екипи од секоја група обезбедуваат пласман во следната фаза од натпреварувањето во која ќе бидат формирани нови две групи („Е“ и „Ф“).
Во ТОП 8 фазата ќе се одиграат уште шест кола по кои двете најдобри екипи од двете групи, ќе се пласираат во полуфиналето на Плеј-офот.
Четирите најдобри екипи ќе се борат за место во финалето во серија „подобар од три натпревари“ (1-1-1), а според истиот систем ќе се игра и финалната серија.
Македонската кошарка ќе биде претставувана од три екипи, оние најдобрите во ланската сезона во Првата лига.
Шампионот, МЗТ Скопје, финалистот на плеј-офот, Пелистер, и третопласираната екипа – Работнички.
Екипата со најголемо искуство од играње во оваа конкуренција е дел од групата „А“, во која за противници ги има екипите на Хелиос од Домжале, загрепска Цедевита Јуниор односно Теодо од Тиват.
Пелистер кој и лани беше дел до оваа конкуренција е „сместен“ во групата „Ц“ во која се уште и екипите на Подгорица, Широки и Вршац.
Во ова друштво влегува и Работнички, кој е дел од групата „Б“ во која за ривали ги има Војводина од Нови Сад, Сутјеска од Никшиќ, и уште едно големо име од поранешната држава, сараевска Босна.
Македонскиот шампион ќе ја има и честа да го отвори новото издание на АБА 2 лигата, утре вечер, од 18.часот во СЦ „Јане Сандански“ гостува екипата на Теодо.
Два дена подоцна, на 26.септември, во СРЦ „Кале“ (исто така од 18.часот), Работнички е домаќин на уште една екипа од Црна Гора, Сутјеска од Никшиќ, додека својот меч од премиерното коло од новата сезона Пелистер ќе го одигра нешто подоцна. На 1. октомври, кога во салата „Боро Чурлевски“ (18.00) во Битола ќе гостува екипата на Широки.
НАТПРЕВАРУВАЧКИ ГРУПИ
ГРУПА А: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ, Хелиос, Цедевита Јуниор, Теодо
ГРУПА Б: Војводина, Сутјеска, Босна, РАБОТНИЧКИ
ГРУПА Ц: Подгорица, Широки, ПЕЛИСТЕР, Вршац
ГРУПА Д: Златибор, Борац, Илирија, Шибенка
АБА 2 ЛИГА
ДВОЈКИ 1. КОЛО
24.СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК)
18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Теодо
25.СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)
18.00: Цедевита Јуниор – Хелиос
20.00: Војводина - Босна
26. СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК)
18.00: Работнички – Сутјеска
1.ОКТОМВРИ (ВТОРНИК)
18.00: Пелистер – Широки
20.00: Илирија – Борац
2.ОКТОМВРИ (СРЕДА)
18.00: Шибенка – Златибор
21.00: Подгорица - Вршац