Нема многу време за одмор за нашите најдобри кошаркари. Нешто повеќе од две седмици имаа време да „земат здив“ затоа што веќе од сабота наутро, ги очекуваат оние репрезентативни обврски.
Првите денови на јули носат и тоа како сериозни обврски. Уште два натпревари од квалификациите за пласман на Светскиот Куп кој во 2023 година ќе се одржи во три различни земји.
На 1. јули, во Сарагоса, му гостуваме на актуелниот бранител на светската круна – Шпанија. А три дена подоцна, на 4. јули во Скопје, во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, играме против селекцијата на Украина
Според планираното на стручниот штаб, предводен од селекторот Драган Бајиќ, предвидено е одработување на осум тренинзи во Скопје. По два секојдневно во текот на мини-подготовките.
Утринските ќе бидат реализирани во периодот од 10. до 12. часот, а вечерните од 19. до 21. часот.
На првиот собир, закажан за сабота од 10.часот во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, која ќе биде „базата“ на нашиот национален тим, треба да се појават 14.кошаркари:
Војдан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром, Бојан Крстевски – МЗТ Скопје Аеродром, Адем Мекиќ – МЗТ Скопје Аеродром, Кристијан Николов – МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Робев – МЗТ Скопје Аеродром, Стојан Ѓуроски – Пелистер, Андреј Маслинко – ТФТ, Страхил Николов – ТФТ, Виктор Ташовски – ТФТ, Виктор Ефремовски – Гостивар, Валмир Какруки – Работнички, Теодор Симиќ – Барселона-Шпанија, Андреј Јакимовски – Вашингтон Стејт (НЦАА-САД), Рубин Стефанов – Италија.
На 29. Јуни (среда), нашиот сениорски национален тим (преку Истанбул и Мадрид) патува за Сарагоса, каде истиот ден, во вечерните часови, ќе го има и првиот тренинг во „Павиљон Принчипе Фелипе“, каде на 1. јули, ќе го играме мечот со Шпанија.