Поради евро-обврските на Работнички и Феникс 2010, новиот шампионат ќе започне неколку дена порано од предвиденото...
По Суперкупот на ред е и она официјално „отворање“ на првенствената сезона...
Неколку дена од порано предвидениот термин, поради обврските кои ги имаат екипите на Работнички и Феникс 2010 во рамките на ФИБА Еврокупот, првиот натпревар од новата натпреварувачка сезона 2023/2024, веќе во среда навечер, од 18. часот во салата на СРЦ „Кале“, Работнички ја пречекува екипата на ТФТ.
Едно класично „соседско дерби“ кое во претходните неколку сезони се претвори во мошне интересни дуели на двата клуба кои своите мечеви ги играат „Под Кале“.
Амбиент во кој ќе стартува и новиот шампионат, 32. во историјата на македонската клупска кошарка.
Клубот со најмногу шампионски титули во домашниот шампионат, Работнички, ќе ја отвори сезоната со натпреварот против „соседот“ од СРЦ „Кале“, екипата на ТФТ.
Воведни 40 минути вo кои стручниот тим на„црвено-белите“ ќе има прилика да види како „изгледа“, прилично реновираниот состав во кој има голем број на нови играчи.
Последниот од нив, репрезентативецот Кристијан Николов, кој ја засили бековската линија во која како нови лица се и Бобан Стајиќ, Американецот и Дмитрик Трајс, а од „староседелците“, тука е и младиот репрезентативец, Андреј Шошкиќ, Филип Бакоч, Леонид Тодоровски, Ѓорѓе Џелетовиќ
Нови имиња во ростерот на Работнички за новата сезона се Роберт Рикиќ, Квентон Декоузи, како и уште еден репрезентативен двоец, Виктор Ефремовски и Стојан Ѓуроски, кои ќе ги пополнат надворешните позиции.
Свои размислувања во пресрет на новата сезона има и Боро Смилковски, предводникот на „црно-белите“ од Тафталиџе:
„Имаме отворање на сезоната, ни помалку ни повеќе, против екипата на Работнички. Сезона во која ТФТ влегува со задржан ‘костур’, нова енергија, променет идентитет и истите цели како и досега.
Натпревар против екипа со највисоки амбиции, квалитетен ростер и веќе тренерски континуитет, натпревар како одличен параметар за нас, нешто што ќе ни даде увид во сработеното досега и слика за нашите можности во сезоната.
Имаме свои амбиции и т.н.’гаме план’, сигурно ќе се натпреваруваме и ќе се обидеме да изненадиме.
Можеби менталната подготовка за овој натпревар е и клучот за успех на истиот. Додека екипата на Работнички има своевиден притисок да ја оправда улогата на фаворит, за нас притисокот е како преку ноќ, од група ултра талентирани млади играчи, да креираме лидери на теренот кои знаат што е потребно да се победи, особено во еден ваков натпревар“
Верувам во добра кошарка на отварањето на сезоната. Се надевам на добра кошаркарска атмосфера, па вечерва под ‘Кале’ нека победи подобриот или посреќниот“ – во свој стил ја најавува сезоната првиот тренер на екипата од Тафталиџе, Боро Смилковски.
Еден час подоцна (19.00), следува натпреварот во салата „Шабан Трстена“, во кој екипата на Чаир 2010 го пречекува составот на Феникс 2010. Одлична можност за љубителите на кошарката во Чаир да проследат возбудлив натпревар во кој и на двете страни од теренот ќе се појават доста нови имиња.
И Чаир 2030 и Феникс 2010 менуваа доста во своите ростери во текот на летото, што носи и дополнителна неизвесност, како сето тоа ќе функционира на двете страни од игралиштето.
„Направивме се да се задржи ‘костурот’ на тимот и донесовме искусни играчи со кои мислам дека сме комплетни и сме поконкурентни за ТОП 8. Oваа година нашите цели се да бидеме дел од плеј-офот и финалниот турнир од Купот на Македонија“ - вели шефот на стручниот штаб на чаирчани, Ерхан Рамадан.
„За натпреварот во среда, можам слободно да кажам дека владее топ атмосфера, како кај играчите, така и кај навивачите кои ги очекуваме во голем број. Очекувам дека ќе биде цврста игра. Но ние сме спремни и ќе дадеме се од себе за да го добиеме првиот натпревар во новата сезона“.
Зад Феникс 2010 веќе е еден официјален натпревар, оној во рамките на Суперкупот „Драан Василов-Цевка“ во кој ги одмерија силите со актуелниот бранител на шампионската титула – МЗТ Скопје Аеродром.
„По оној меч во Суперкупот, добивме многу појасна слика за моменталните можности на екипата. Извесно е дека пред нас стои доста напорна работа. Но тоа и не е така неочекувано, особено ако се земе в предвид дека во тимот имаме и нови странски играчи, но и млади играчи кои треба да се вклопат во една целина. Извесно е дека не можеме да сметаме на капитенот Андреј Митревски во овој воведен дел од сезоната, и во домашното првенство, но и во натпреварите од ФИБА Еврокупот. Тоа е хендикеп, но оние кои ќе играат треба да го дадат својот максимум. Така му пристапуваме и на овој премиерен меч во првенството кој го играме на гостински терен во Чаир“ - вели Денис Дервишевиќ, тренерот на Феникс 2010, пред гостувањето во Чаир.
На 30. септември (сабота) ќе играат: Вардар-Охрид и Кожув-МЗТ Скопје Аеродром (двете од 18.00 часот), а ден подоцна, на програмата се мечевите Гостивар-Пелистер, и Академија ФМП-Еуро Никел 2005, исто така со почеток од 18.часот.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 1. КОЛО
27. СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)
18.00: Работнички - ТФТ (МРТ 3)
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/WEoGJfyKn9k?si=WUGg1_zLZCHa_i5j
19.00: Чаир 2030 – Феникс 2010
Сала „Шабан Трстена“ - Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/OKdpExopFXI?si=s5FkklRzq9jwj-T0
30. СЕПТЕМВРИ (САБОТА)
18.00: Вардар - Охрид
Сала на КК „Вардар“ – Скопје
18.00: Кожув – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „26.април“ - Гевгелија
1. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)
18.00: Гостивар – Пелистер
Сала „Младост“ - Гостивар
18.00: Академија ФМП – Еуро Никел 2005
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
ИСТОРИЈАТ
Досегашни шампиони на Македонија - мажи
СЕЗОНА 1992/1993 Работнички – МЗТ Скопје 3:0
СЕЗОНА 1993/1994: Работнички – Кочани Деликатес 3:2
СЕЗОНА 1994/1995: Работнички – Кочани Деликатес 4:3
СЕЗОНА 1995/1996: Работнички – МЗТ Скопје 3:0
СЕЗОНА 1996/1997: Работнички - Жито Вардар 4:2
СЕЗОНА 1997/1998: Работнички – МЗТ Скопје 3:2
СЕЗОНА 1998/1999: Работнички – МЗТ Скопје 3:2
СЕЗОНА 1999/2000: Никол Ферт – Работнички 3:2
СЕЗОНА 2000/2001: Работнички – МЗТ Скопје 3:0
СЕЗОНА 2001/2002: Работнички – Куманово 4:2
СЕЗОНА 2002/2003: Работнички - Поло Трејд 3:0
СЕЗОНА 2003/2004: Работнички – МЗТ Скопје 4:1
СЕЗОНА 2004/2005: Работнички – Вардар 4:2
СЕЗОНА 2005/2006: Работнички – Вардар 4:1
СЕЗОНА 2006/2007: Струмица – Работнички 4:1
СЕЗОНА 2007/2008: Фени Индустри – Струмица 4:3
СЕЗОНА 2008/2009: Работнички – Фени Индустри 4:2
СЕЗОНА 2009/2010: Фени Индустри - Вардар Осигурување 4:3
СЕЗОНА 2010/2011: Фени Индустри – Работнички 4:1
СЕЗОНА 2011/2012: МЗТ Скопје Аеродром – Фени Индустри 4:1
СЕЗОНА 2012/2013: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув 4:0
СЕЗОНА 2013/2014: МЗТ Скопје Аеродром - Работнички 3:1
СЕЗОНА 2014/2015: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 3:0
СЕЗОНА 2015/2016: МЗТ Скопје Аеродром - Куманово 3:1
СЕЗОНА 2016/2017: МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 3:2
СЕЗОНА 2017/2018: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 3:0
СЕЗОНА 2018/2019: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 3:0
СЕЗОНА 2019/2020: не беше прогласен шампион
СЕЗОНА 2020/2021: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 3:0
СЕЗОНА 2021/2022: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 3:1
СЕЗОНА 2022/2023: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 3:0
СЕЗОНА 2023/2024: ???