07.12.2021

Првиот од квалификациските турнири е веќе закажан за претстојната недела, ќе се игра на 12. декември

Стартува новото издание на зимската „3х3“ лига

Баскет караванот продолжува да врви и оваа сезона. По успешната премиера ланската година, Кошаркарската Федерација во соработка со 3x3 Macedonia повторно ќе организира зимска лига.

Форматот на лигата е веќе добро познат. Четири квалификациски турнири и еден завршен на кој ќе биде прогласен зимскиот шампион. Првиот од квалификациските турнири е веќе закажан за претстојната недела, 12. декември.

Со почеток точно напладне, во СРЦ Кале, дванаесет екипи ќе означат почеток на втората сезона на зимска 3х3 лига.

Секој квалификациски турнир ќе има награден фонд од 200 евра за првопласираната екипа односно 100 евра за второпласираната екипа.

Наградниот фонд за финалниот турнир е десеткратно поголем односно 2000 евра за шампионот, 1000 евра за второпласираната екипа како и 500 евра парична награда за третопласираната екипа.

Дополнително, шампионската екипа ќе добие и слот за учество на 3x3 Challenger турнир.