Одбројувањето до првиот турнир, од првата зимска 3х3 лига, официјално завршува за нешто помалку од 24 часа. Првиот турнир од петте предвидени ќе се одигра веќе в недела, а набрзо по новогодишните и Божиќните празници ќе се одиграат и преостанатите квалификациски турнири односно финалниот турнир на кој ќе биде крунисан првиот зимски шампион.
Дванаесет екипи ќе се надигруваат во премиерната зимска 3х3 лига под организациска капа на КФСМ, во соработка со здружението „3x3 Macedonia“ - екипите на „Капетани“, „Синдикат“, „Змајеви“, „Brotherhood Alpha“, „Проект 3х3“, „Терминатори 3х3“, „3х3 Аеродром“, „3x3 Lincetis“, „Водно Санс“, „Баду“, „Dust Caffe“ и „Феникс 2010“.
Првиот турнир е закажан за в недела, 27.12.2020 година, во СРЦ „Кале“ (голема сала), со почеток во 11:00 часот.
Зимскиот шампион ќе добие парична награда во висина од 2.000 евра и слот за Challenger, второпласираниот ќе добие парична награда во висина од 1.000 евра, а третопласираниот ќе добие парична награда во висина од 500 евра. Сите турнири од зимската лига ќе бидат FIBA Endorsed.
Сите турнири ќе бидат одиграни согласно општите протоколи за заштита и превенција од ширење на COVID-19. Сите учесници на организација и спроведување на натпревари должни се да се придржуваат на сите пропишани мерки и донесени протоколи на Владата, кои се однесуваат на спречување и ширење на заразни болести со вирусот.
- Мерење на температура на сите лица кои влегуваат во сала (играчи, официјални лица, лица од организација).
- Задолжителна дезинфекција при влез во сала, пред влегување на терен и по излегување од терен. Сета опрема за игра се дезинфицира по секој одигран натпревар;
- Носење на заштитна опрема (маска, шал, марама) е ЗАДОЛЖИТЕЛНО за сите присутни во салата, освен за играчите и судиите додека се на терен;
- Сите турнири се одигруваат без присуство на публика;
- Забранета е употребата на соблекувалните за цело време пред, во тек и по натпреварот. Секоја екипа ќе има посебно означено место на трибините каде ќе може да ги остави своите лични предмети додека игра на терените;
- Секој учесник во натпреварувањето, пред почеток на натпреварувањето е должен да потпише изјава со која ги прифаќа мерките одредени со општите владини протоколи;