10.07.2025

Кадетките го имаа првиот собир во СРЦ „Кале“, каде ќе биде реализиран најголемиот дел од подготовките за настап на ЕП во Истанбул

Стартуваа подготовките на женската кадетска репрезентација (ФОТО)

Со оглед на тоа дека имаат најголем простор (време) за подготовки, женската селекција „Под 16“ години е последната наша репрезентативна која ги започна оној дел во кој ќе се креира составот, и ќе се темпира формата за обврските кои следуваат во текот на летниот период.

На првиот собир во салата на СРЦ „Кале“ попладнево се појавија 16. од 18. повикани кошаркарки кои ќе конкурираат за место во финалните 12. кои ќе биде дел од оваа наша селекција на ЕП од Дивизијата „Б“ кое од 20. до 29. август ќе се одржи во Истанбул.

Стручниот тим, во кој освен селекторот Оливер Стојмановиќ се и неговите асистенти  Атанас Димов и Јасмина Герасимовска-Николиќ, смета на уште пет кошаркарки кои поради обврски со јуниорската репрезентација (настапуваат на ЕП од Дивизијата „Б“ во Литванија), ќе се приклучат во втората фаза од подготвителниот период.

А истиот, во онаа прва фаза, предвидува тренинзи во „базата“, големата сала на СРЦ„ Кале“ во наредните десетина дена. Потоа следува „преселба“ во Куманово, каде нашата женска селекција „Под 16“ години ќе ги брани боите на Македонија на младинските олимписки игри.