Според планираното, репрезентативките и стручниот тим, по вчерашните прегледи и задолжителното PCR тестирање од Covid-19 кое беше реализирано во Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, од денеска се во Охрид.
Сместувањето е во хотелот „Тино“, а веќе од 18:00 часот, во салата на СРЦ „Билјанини извори“ е планиран првиот тренинг на нашиот национален тим.
Пред селекторот Владимир Ѓоровиќ и неговите избранички се нови два предизвика, и една голема цел.
„Наша основна цел, пред сè, да бидеме многу, многу подобри отколку во првиот ФИБА ‘прозорец’. Противниците да почнат да нè респектираат. Што подолго да сме ‘внатре’, во натпреварот, без жолти минути. Да отскокне некој од младите играчи и над се, да го зајакнеме и да го правиме култот на национален тим“- посакува селекторот пред влегувањето во салата „Билјанини извори“,
Охрид ќе биде „базата“ на нашиот женски национален тим во наредните денови, односно до 8. ноември кога е предвидено заминувањето за Летонија.
„Би сакал да ја споменам големата желба на репрезентативните кандидатки. Да се подготвиме што е можно подобро за турнирот во Летонија. А исто така да ја искажам пофални зборови за нашата федерација која вложи многу труд за да оформиме најдобар можен состав и да ни организираат вакви подготовки и патување што во време на оваа пандемија не е воопшто лесно“- нагласува селекторот Ѓоровиќ пред почетокот на подготовките.
На пат за Охрид утринава, тргнаа: Нена Трајчевска, Матеа Николиќ, Ивана Кметовска, Ивона Пејковска, Сандра Лазареска, Драгана Јоловиќ, Сања Адамовска, Јована Петрушевска, Габриела Модева, Марија Димитријевиќ, Цветанка Димова.
Согласно со договореното, поради клупски обврски, нешто подоцна на националниот тим ќе му се приклучат Анџелика Митрашиновиќ и Софија Лазареска. Нашиот најголем адут во квалификацискиот циклус, Девана Бонер треба да пристигне во Охрид на 5. ноември, и максимално подготвена, како што се најавите од САД, веднаш да им се приклучи на своите репрезентативни колешки.
Календарот на ФИБА вели дека на турнирот во Рига, на 12. ноември, Македонија ќе игра против селекцијата на Хрватска. Два дена подоцна, за противник ја имаме селекцијата на Германија.