Актуелниот македонски репрезентативец не ги договори условите за продолжение на соработката со францускиот ПРО Б лигаш Евре. Па по една, нецела, сезона помината во Евре во онаа наредната ќе игра во друга средина.
„Не останувам во Евре“- потврдува 203 сантиметри високото крило на нашиот национален тим. „Вистина е дека преговаравме во изминатиот период, но не постигнавме согласност да го продолжам договорот за наредната сезона“- дополнува Ѓуроски.
Оваа сезона како играч на Евре, Стојан Ѓуроски ќе памети по тоа дека одигра на вкупно 20.натпревари. И дека за просечни 26.3 минути по натпревар, дојде до просек изразен преку 8.4 поени, 3.3 скока и 3.асистенции по натпревар. Реализираше со 33.7% во шутот за три и 45.5% во оној за два поени. Имаше и 82.4% реализација од линијата за слободни фрлања.
Претходно, 28. годишниот кошаркар играше во Шпанија, за второлигашите Милила и Хуеска. И нема да биде никакво изненадување доколку и во наредната ќе биде на Пиринејскиот Полуостров.
„Од Шпанија носам убави искуства. Зошто да не, но сè ќе зависи од понудите во текот на летото“- порачува Ѓуроски.