03.12.2022

По операцијата на скршеницата на десната рака, следува пауза од неколку недели за нашето репрезентативно крило

Стојан Ѓуроски повреден, оди на принуден одмор

Стојан Ѓуроски доживеа уште еден пех во оваа календарска 2022 година. По нималку наивната повреда на подлактицата заработена како играч на битолски пелистер на почетокот на оној втор дел од сезоната во нашата Прва лига, сега, еден од најстандарните македонски репрезентативци доживеа уште една, нималку наивна повреда.

На еден од последните тренинзи на својот клуб Оуренсе, искусното крило на нашиот национален тим „заработи“ скршеница на коска на дланката на десната рака,

„Поради тоа мораше итно да бидам опериран, што лекарскиот тим на мојот клуб и го направи. Станува збор за истата рака што ми беше оперирана на почетокот од годинана, но тогаш во прашање беше повреда на подлактицата. Што да правиме, се случуваат и вакви непосакувани моменти. Мое е да ја поминам рехабилитацијата како што налагаат докторите. Извесно е дека ќе бидам надвор од теренот во наредните неколку недели. Се надевам да бидам спремен после празниците. Здравје, ќе видиме“ – коментира Ѓуроски од Шпанија каде и ќе го мине комплетниот рехабилитациски период.