09.09.2020

Македонскиот репрезентивец успешно ги помина лекарските прегледи и му се приклучи на новиот тим...

Стојан Ѓуроски тргна со ХЛА Аликанте

Македонскиот репрезентативец, Стојан Ѓуроски во наредната сезона ќе игра во Шпанија, поточно ќе го носи дресот на шпанскиот второлигаш ХЛА Аликанте, со кој се обврза на едногодишна соработка.

По нешто подолга пауза, која ја предизвика појавата на коронавирусот, репрезентативното крило за време на викендот пристигна во Шпанија.

Во изминатите два дена гостиварецот успешно ги помина медицинските како и задолжителните тестирања за КОВИД-19.

И од денеска и официјално Ѓуроски ги стартуваше подготовките со својата нова екипа кои се одвиваат веќе десетина дена. Односно ги истрча првите километри во новата сино-бела „униформа“ на ХЛА Аликанте.

За Ѓуроски ова претставува своевидно враќање на Пиринејскиот Полуостров, каде што претходно играше за екипите на Хуеска и Мелилја, екипи кои исто така се дел од ЛЕБ Голд лигата.