Сите се во некоја фаза на очекување, околу тоа, дали и евентуално кога ќе се продолжи со играњето на кошарка. Кошаркарската топка престана да се тркала во целиот свет, па и во Франција, земјата која е една од најзагрозените со пандемијата која со себе ја донесе корона вирусот.
Чека некоја нова кошаркарска вест и нашиот репрезентативец Стојан Ѓуроски...
Натпреварите во ПРО А и ПРО Б лигите моментално се прекинати, и нема да можат да продолжат пред септември.
Тоа стана (по) јасно по одлуката на француската влада да бидат стопирани сите јавни собири во земјата додека постои било каква опасност од пандемијата предизвикана од корона вирусот.
Одлука со која и дефинитивно македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски, многу веројатно, ги заврши своите обврски спрема Алма Евре кои ги имаше за оваа натпреварувачка сезона.
„Веројатно тоа е тоа околу понатамошното играње кошарка во Франција за оваа сезона. Лигата доби јасни препораки од француската влада, по што станува се појасно дека тука некаде ќе биде крајот на оваа сезона, барем за нас, странските играчи, кои сме под договорна обврска“- вели Ѓуроски, кој по подолго време е на „слобода“.
Во изминатите триесетина дена, високото крило на нашиот национален тим го помина карантинскиот и периодот на самоизолација кој му дозволи да се врати во родниот Гостивар каде ги помина и Велигденските празници.
Во овој момент Ѓуроски нема конкретен одговор на прашањето што понатаму?
„Реално, со оглед на ситуацијата која е во овој момент во Франција, мислам дека ова е крајот. Јас имам договор до јуни, и во тој случај нема што да правам во септември кога евентуално би се доиграла лигата. Сепак, сеуште не е стонастотно сигурно, па останува да видиме. Сега добиваме некои 85-90% од личниот доход, средства веројатно кои клубот ги обезбедува од платеното осигурување, но не сум сигурен. Сепак, здравјето е најважно, и во преден план. Да сме живи и здрави, далеку е септември. Треба да го издржиме овој тежок период за сите. Ќе има време за играње кошарка“- дополнува Ѓуроски.