26.02.2023

„Одбраната повторно беше клучот на успехот со што го запечативме првото место кое го заслуживме“ - вели нашето крило по успехот во Осло

Стојан Ѓуроски:„Бевме подготвени да одиграме за себе и да победиме“

Едне од најискусните во нашата репрезентација, Стојан Ѓуроски, како и комплетната стартна петорка, имаше одличен почеток на гостувањето во Осло. Од стартот на мечот, делуваше доста сигурно, самоуверено, и беше вистинска поентерска поддршка за Ти-Џеј Шортс во моментите кога ја креиравме двоцифрената разлика која го одреди и понатамошнито тек на настаните во Арената „Нордстранд“ :

„Го следевме натпреварот меѓу Данска и Словачка, знаевме дека таа многу ни значи, но исто така бевме подготвени да одиграме за себе и да победиме. Го следевме планот на селекторот кој беше многу сличен на оној од првиот меч во Гевгелија - да го запреме нивниот најдобар играч Фреј.

Успеавме во тоа, одигравме агресивен и цврст натпревар, примивме само 41 поен и мислам дека одбраната повторно беше клуч на нашиот успех со што го запечативме првото место кое го заслуживме. Во овој циклус игравме со силни репрезентации кои не се за потценување, сега ќе прославиме во очекување на следните ривали во квалификациите за Европското првенство“ - изјави Ѓуроски по триумфот со кој го запечативме првото место во претквалификациите за ЕП