02.09.2022

Нашата федерација изготви прирачник со сите неопходни информации и потребни мерки за правилна организација на кошаркарските натпревари

„Стоп за насилство и недостојно однесување на кошаркарските терени

На ден 30.август (среда) во просториите на КФСМ, работен состанок одржаа раководството на КФСМ, комесарот за безбедност и комесарот за натпреварување при КФСМ со претставници на Секторот за внатрешни работи (СВР) - Скопје.

На состанокот се разговараше за теми поврзани околу организацијата на кошаркарските натпревари, за обрските и мерките кои федерацијата и клубовите треба да ги преземат за нормално одигрување на натпреварите во сите категории.

Претставниците на СВР Скопје посочија нивни искуства и во другите спортови, а посебно беше ставен акцентот на натпреварите со зголемен ризик и евентуалните проблеми со кои би се соочиле и клубовите и федерацијата доколку не се почитуваат одредбите од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари и актите на КФСМ.

За таа цел федерацијата иницира акција: „Стоп за насилство и недостојно однесување на кошаркарските терени",

изготви прирачник во кој се опфатени сите неопходни информации и потребни мерки за правилна организација на кошаркарските натпревари под капата на КФСМ, вклучувајќи ги и тие со висок ризик.

Во прирачникот, опфатени се и прекршочните одредби од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските терени на РСМ, како и прекршоците и казните поврзани со насилство и недостојно однесување согласно Пропозициите за натпреварување на КФСМ.

За што подобра организација на натпреварите, а согласно споменатиот закон и Пропозициите за натпреварување, секој клуб пред почетокот на натпреварувачката сезона, има обврска да пријави свој комесар за безбедност кој мора тесно да соработува со комесарите за безбедност на другите клубови, федерацијата и претставниците на МВР на натпреварите, за општа сигурност на сите учесници на кошаркарски натпревар.

Од оваа натпреварувачка сезона, комесарот за безбедност ќе треба да биде впишан и во образецот за пријава на секој натпревар, со што, а доколку е потребно, ќе се олесни комуникацијата помеѓу сите одговорни лица во спречување на обиди за насилство и недостојно однесување пред, за и по одигрување на натпреварите.

ЛИНК ДО ПРИРАЧНИКОТ „СТОП ЗА НАСИЛСТВО И НЕДОСТОЈНО ОДНЕСУВАЊЕ НА КОШАРКАРСКИТЕ ТЕРЕНИ“