25.09.2025

„Би сакал да ја повикам кошаркарската јавност да дојде на трибини и да го проследи овој дуел“

СУПЕР КУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“-2025: Александар Ашаданов:„Добра можност да ги видиме силите кои ги имаме на располагање“

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, скопски Вардар, ќе биде предизвикувачот на актуелниот шампион, Баскет кам во премиерниот меч во новата натпреварувачка сезона, оној од Супер купот „Драган Василов-Цевка“.

Закажан е за недела, од 17.часот, а ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

Како што вели шефот на стручниот штаб на „вардарки“,, Александар Ашаданов, тоа ќе биде добра можност и за него и за играчите кои ги има на располагање, да ја проверат моменталната форма на екипата во пресрет на она што со себе го носи новата натпреварувачка сезона.

Во онаа летна пауза, екипата доживеа извесни промени, сега Ашаданов на располагање има уште помлад играчки ростер кој ќе му се спротивстави на бранителот на шампионскиот пехар.

Но, очекувањата се исти, вели Ашаданов:

„Иако сме доста подмладена екипа во однос на ланската сезона кога го освоивме Купот, очекувањата се исти. Ќе играме со најголемиот ривал од минатата сезона во овој Суперкуп. Ова е натпревар во кој ќе имаме можност да ги видиме нашите сили со кои располагаме. Баскет Кам е освојувач на првенството, ни следи еден интересен меч, па би сакал да ја повикам кошаркарската јавност да дојде на трибини и да го проследи овој дуел“ – посакува Ашаданов пред првиот официјален натпревар во сезоната.