Неделниот натпревар, против МЗТ Скопје Аеродром, во Супер купот „Драган Василов-Цевка“ ќе биде историски за екипата на Кожув.
За прв пат од постоењето, клубот од Гевгелија ќе игра во натпреварот кој го дава пехарот наменет за победникот на Супер купот на Македонија насловен како „Драган Василов-Цевка“.
Ќе биде една убава прилика во „рок од 40.минути“ гевгеличани да се обидат да го изненадат тимот кој беше подобар од нив во оној финален меч од Купот на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“ одигран на почетокот на оваа 2025 година, токму во Гевгелија.
Тренерот Апостоли Апостол од своите играчи, добар дел од нив се за прв пат дел од тимот, пред се оние странските, бара максимална борбеност во дуелот со екипата која го брани овој трофеј освојуван во изминатите четири сезони, по ред:
„За прв пат во историјата на КК Кожув, играме во Супер купот. Тоа е голем успех, како за клубот, така и за градот Гевгелија. Околу натпреварот, играме против екипата на МЗТ Скопје. Сите добро знаеме за квалитетите на шампионот. Одиме во Скопје да одиграме максимално борбено, и да покажеме што знаеме, Нашиот тим е составен претежно од млади играчи од Македонија, пополнет со тројца странци. Сакам да ја повикам гевгелиската публика, нашиот шести играч, „Фантоми“, да не бодрат на овој натпревар“- гласи пораката на Апостолов пред дуелот во недела, кој почнува од 19.30.часот.
