Кошаркарките на Баскет кам се нови-стари освојувачи на пехорт во Супер Купот „Драган Василов-Цевка“, откако со подобра игра, особено во второто полувреме, извојуваа победа над екипата на Вардар. Доволно по четвртти пат по ред, во последните пет сезони да го освојат трофејот кој ја најавува новата натпреварувачка сезона во македонската женска кошарка.
БАСКЕТ КАМ – ВАРДАР 63:44
Екипите на Баскет кам и Вардар ја имаа таа чест да ја отворат новата сезона во женската сениорска кошарка во Македонија. Односно да го одиграат натпреварот од Суперкупот на Македонија „Драган Василов-Цевка“.
Силно тргнаа кошаркарите на Баскет кам на овој натпревар. За нешто повеќе од пет минути игра, направија двоцифрена предност (14:4), половина од тие поени за екипата од Македонска Каменица, ги реализираше Максимовска, и го натераа тренерот на Вардар, Александар Ашаданов да побара тајм-аут во таа рана фаза од мечот во СРЦ „Кале“.
Одговорија „вардарки“ со серија од шест поени, со кои ја намалија негативата на (10:16), потоа и на (13:18). за првиот период да заврши со водство на Баскет кам од (19:13).

Првите четири поени во втората четвртина беа за Вардар, за уште пониски (17:19). А периодот без поени за шампионот го прекина Кметовска, за (21:17). Агресивната игра во одбраната на Вардар придонесе долго време Баскет Кам да биде без реализација од игра. Доволно за да дојдат и блиску до егал резултат (19:21).
Само два поени имаа кошаркарките од Македонска Каменица во седум минути од играта во вториот период.
По тројката на Митева (нејзин осми поен), Вардар премина во водство (22:21), знак за тренерот на номинално „домаќинот“ на финалето, Тони Симиќ, да побара минута одмор.
Без особен ефект, затоа што младите кошаркарки на Вардар ја задржаа таа минимална предност и на истекот на тој „сиромашен“ период со поентирање на двете страни, особено на онаа на Баскет кам, (25:24).

Многу посериозно почнаа поискусните кошаркарки, оние од Македонска Каменица на почетокот на второто полувреме. Во период пократок од пет минути, направија серија од (10-2) со која ја вратија предноста на своја страна. Поведе Баскет кам со (34:27), за нов тајм-аут, сега на вардаровата страна.
Не застанаа тука избраничките на тренерот Симиќ, уште повеќе „повлекоа“ Димова и Кметовска, доволно за разликата „да отиде“ на уште повисоки (39:27), потоа и (46:30).
Иста беше разликата и на истекот на третиот дел (48:32), недостижна за вардаровиот тим.

Кметовска заврши со дабл-дабл ефект, освен 20.поени, репрезентативката од редовите на Баскет кам имаше и 12.скока и 4.асистенции. Двоен скор направи и Димова, која на 20.поени придодаде и 16.скока (имаше и пет додавања), додека блиску до еден таков ефект беше и Максимовска, која освен девет реализации оствари и 13.скока и 5.асистенции.
Кај Вардар, двоен број на поени, вкупно 10, имаше Митева, а два помалку постигна Пислевска.