31.03.2017

СУПЕР ЛИГА и ПЛЕЈАУТ: Дерби натпревари за врвот, но и за дното!

Четвртото коло во тековната натпреварувачка сезона во Супер лигата носи дерби натпревари како за врвот на табелата така и за дното на истата.

На врвот се засега непоразените екипи на актуелниот шампион во домашното првенство МЗТ Скопје Аеродром како и екипата на Карпош Соколи актуелниот освојувач на трофејот од Купот на Република Македонија. Едно е сигурно – по ова коло ќе има само една екипа која нема пораз по четири одиграни натпревари во борбата за титулата од сезоната 2016/2017.

Карпош Соколи ќе бидат домаќини на овој натпревар, а избраниците на Драган Николиќ сигурно нема да си дозволат да бидат импресионирани против „металците“ кои на располагање најверојатно нема да го имаат Душан Катниќ кој заработи повреда во првиот период на градското дерби против Работнички во третото коло од Супер лигата. Скршеница нема, но кошаркаркот во моментов е надвор од тренажен процес па веројатноста дека ќе настапи е речиси непостоечка. Од друга страна, подолгата клупа ќе биде уште еден адут на Драган Николиќ. Сите љубители на спортот со портокаловата топка кои нема да можат да го следат натпреварот во живо ќе може да го гледаат на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ).

Во вториот дерби дуел најтрофејниот кошаркарски колектив на Република Македонија, Работнички, ќе го нагости Кожув кој во досегашната историја на клубот нема освоено титула во домашното првенство. Гевгеличани само еднаш имаат стигнато до финалето, во сезоната 2012/2013 кога загубија од МЗТ Скопје Аеродром. Игор Михајловски сигурно ќе ги мотивира своите играчи за да забележат нов триумф над Работнички во оваа натпреварувачка сезона. Во првиот дел од сезоната, во првиот меѓусебен дуел, Работнички славеше со 81-80 додека во вториот натпреварво регуларниот дел на сезоната славеа гевгеличани со убедливи 77-56. Натпреварот ќе може да биде проследен на YouTube каналот на Македонскиот олимписки комитет односно МОК ТВ.

Трикратниот шампион во домашното првенство, Фени индустри, во вториот дел од сезоната сè уште нема победа. Кавадарчани се мачат да се вратат на победничките патеки, а следен противник во Супер лигата ќе им биде ланскиот вицешампион Куманово. Кумановци се окуражени од клупскиот историски успех во балканското натпреварување, БИБЛ лигата, па добрите игри ќе се обидат да ги пренесат и во домашното првенство.

Сè уште е непознат исходот од Плејаут лигата односно имињата на клубовите кои ќе останат во кошаркарската Прва лига на Република Македонија. АВ Охрид се наоѓа на првото место на табелата, само поради подобрата кош-разлика. Ист број на бодови (23) има и екипата на Струмица. Бод помалку има Пелистер, а на дното на табелата се наоѓа екипата на Вардар.

Охрид ќе го нагости Пелистер додека Струмица в Скопје ќе си ги одмери силите против соодветната екипа на Вардар која во минатото коло против лидерот АВ Охрид ја забележа првата победа во тековната натпреварувачка сезона.