Претстојниот викенд ќе се одиграат пет натпревари во Првата лига во машка конкуренција во Супер лигата каде шест екипи се борат за шампионската титула како и во Плејаут лигата каде четири екипи се борат за опстанок во кошаркарската елита на Република Македонија.
Третото коло во тековната натпреварувачка сезона во Супер лигата ќе го отворат градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Актуелниот шампион во домашното првенство ќе се обиде да ги искористи сите свои адути во првата пресметка во тековната сезона против вечниот градски ривал. Искуството стекната од натпреварите на меѓународната сцена ќе биде една од причините за самодовербата во таборот на „металците“, но искуството на клупата како и во ростерот ќе биде на страната на „центарци“. Несомнено е дека љубителите на спортот со портокаловата топка ќе уживаат во добра кошарка. МЗТ Скопје Аеродром во својата арена „Јане Сандански“ ќе биде домаќин на овој дуел кој ќе започне утре (сабота, 25. март) во 18:00 часот. Сите кои нема да можат да присуствуваат во салата ќе може да го проследат натпреварот на првиот програмски сервис на македонската национална телевизија (МРТ).
Час подоцна и преостанатите четири екипи кои се борат за престиж во домашното првенство ќе ги започнат меѓусебните пресметки. Кожув во Гевгелија ќе го нагости трикратниот шампион во домашното првенство Фени Индустри.Двете екипи се желни за прва победа во тековната Супер лига и со тоа и одлепување од дното на табелата. Фени индустри досега загуби од МЗТ Скопје Аеродром во првото коло (86-59) и од Карпош Соколи во второто коло (78-90) додека Кожув загуби од Куманово по едно продолжение во првото коло (108-103) односно од МЗТ Скопје Аеродром во второто коло (71-77).
Третиот дуел во Супер лигата ќе биде уште еден интересен натпревар помеѓу Карпош Соколи и Куманово. Ланскиот вицешампион ќе се обиде да го заборави пшоразот од Работнички во минатото коло и да запише нова победа во тековната натпреварувачка сезона и да се доближи до плејофот.
Во Плејаут лигата пак, Вардар формално ќе ги одигра последните свои натпревари во Првата кошаркарска лига. Младиот состав на Ѓорѓи Кочов сè уште е на дното на табелата, без ниту една победа (16 бода по 16 одиграни натпревари) и е сигурен патник во еден ранг послабо натпреварување. Третиот натпревар во Плејаут лигата за Вардар ќе биде гостување кај АВ Охрид кој ззасега е сигурен на врвот со 22 бода и две победи зад себе во оваа лига. Директна борба за опстанок во ’елитата’ ќе водат екипите на Струмица и на Пелистер. Двете екипи се на делба на второто место на табелата во Плејаут лигата со по 21 бод. Победникот од овој дуел ќе има значителна предност во однос на противникот во преостанатиот дел од првенството.