16.03.2017

СУПЕР ЛИГА: МЗТ Скопје Аеродром го заокружи првото коло со победа над Фени Индустри

Актуелниот шампион во домашното првенство, МЗТ Скопје Аеродром победнички ја започна Супер лигата откако со 86-59 (21-15, 20-14, 20-11, 25-19) го совлада Фени индустри. Кавадаречкиот состав дојде со високи надежи дека ќе го повтори успехот од ЛИМАК Купот на Република Македонија каде пред нешто помалку од еден месец го елиминира токму клубот од Аеродром, но до реприза на тој натпревар не дојде. Избраниците на Анте Назор делуваа далеку поконцентрирани во нападот што им овозможи сигурно, двоцифрено водство по само 20 минути игра кое во вториот дел од натпреварот беше лесна за одржување.

Репрезентативното крило Стојан Ѓуроски беше лидерот на игра во воведните три минути од натпреварот. Играчот на МЗТ Скопје Аеродром го отвори резултатот со шут за три, а потоа реализира и од рекетот за 5-0 воведно водство на „металците“. Тоа беше и повеќе од доволно за да се мотивираат неговите соиграчи кои во наредните пет минути игра стигнаа и до првото двоцифрено водство (19-8). Повика Љупчо Малинков тајмаут, а потоа следеше период во кој блесна младиот Бобан Стајиќ. Два реализирани шута за три поени едноподруго го одржуваа кавадаречкиот состав во живот, но кошаркарите од клубот од Аеродром повторно ја забрзаа играта и стигнаа до ново посериозно водство. Предноста остана во полза на домашниот состав и до паузата (41-29).

Вториот дел од натпреварот започна со трипати повеќе постигнати поени на домашниот состав наспроти на трикратниот шампион во домашното првенство. Дванаесет уфрлија „металците“, наспроти само четири на гостинот кои донесоа 20 поени позитива (53-33) во 23. минута од натпреварот. Разликата беше доволно голема за да Анте Назор ги координира своите кошаркари за да формално го привршат првиот нивен натпревар од вториот дел од сезоната односно Супер лигата.

Стрелци на натпреварот:
МЗТ Скопје Аеродром: Дреновац (22 поени), Клоф (14 поени), Лалиќ (11 поени), Симоновски (11 поени)
Фени индустри: Стајиќ (12 поени), Николовски (12 поени), Пантиќ (13 поени)