Работнички и Карпош Соколи ги совладаа своите противници Куманово односно Фени индустри во второто коло од кошаркарската Супер лига. За најтрофејниот кошаркарски колектив во Република Македонија ова е прва победа во вториот дел од сезоната додека освојувачот на овогодишниот државен Куп го запиша вториот триумф.
Работнички го нагости ланскиот вицешампион во „Градски Парк“, а го испрати дома со само еден бод. „Центарци“, предводени од екстрарасположениот Мишановиќ славеа со конечни 87-69 односно 22-14, 19-20, 24-16 и 22-19 по делници.
Стрелци на натпреварот:
Работнички: Мишановиќ (29 поени; 11 скокови), Тасовски (16 поени), Ефремовски (10 поени), Мираковски (11 поени)
Куманово: Јанески (23 поени), М. Пековиќ (14 поени)
Во вториот натпревар од Супер лигата денес на распоредот, а воедно последен за второто коло, Карпош Соколи повторно славеше над Фени индустри среде Кавадарци. Во реприза од Куп-финалето, избраниците на Драган Николиќ повторно ги надиграа кошаркарите на Љупчо Малинков и со 78-90 (22-21, 22-27, 21-20, 13-22) ја запишаа втората победа во вториот дел од првенството.
Стрелци на натпреварот:
Фени индустри: Николовски (18 поени), Пантиќ (14 поени)
Карпош Соколи: Пери (17 поени), Трајковски (15 поени), Лабовиќ (13 поени), Мавра (11 поени), Зековиќ (18 поени), Шепа (12 поени)