Се чинеше како сè да е завршено уште по само десет минути игра кога Кожув имаше 18 поени предност во однос на Куманово во првиот натпревар од Супер лигата. На македонскиот вицешампион му беа потребни нешто повеќе од 30 минути игра за да ја надополни негативата и да го преземе водството во последните неколку секунди. Јонел Браун се разигра во клучни моменти кога Куманово го загуби најефикасниот играч, Марјан Јанески, поради пет лични грешки. Американецот се избори за пет минути дополнително време, период во кој Куманово стигна до првата победа со 108-103 (19-37, 22-13, 29-18, 25-27, 13-8).
Двете страни беа подеднакво мотивирани за да ја започнат Супер лигата со триумф, па така, првите неколку минути на паркетот минаа во егал (9-9). Во наредните три минути, играта на Куманово доживеа колапс во целост, па гостите со серија од 0-14 наталожија огромно водство во првиот период (19-37). Екипите си ги заменија улогите на паркетот во наредните десет минути. Јанески, Караколев и Живановиќ влегоа во ритам и ја стопија разликата на само девет поени на истекот на првиот дел од натпреварот (41-50). Капитенот Јанески брилјираше и на почетокот на вториот дел од натпреварот. Куманово успеа да го преземе водството во третиот период (70-68), но радоста не траеше долго. Ѓурасовиќ со тројка за водство (88-91) ја ’награди’ добрата игра на Мекнил и Хал кои претходно ја стопија предноста на домаќинот. Караџовски и Јанески за неколку секунди го исполнија бонусот па до крајот на натпреварот играта се сведе на поени од линијата за казна. Тоа значеше 95-95 по 40 минути и пет минути дополнителна игра. Радослав Пековиќ ги дочека своите пет минути, буквално. Во координација со Караџовски и Живановиќ, Куманово успеа да направи предност која со една минута до крајот на антпреварот беше недостижна.
Стрелци на натпреварот:
Куманово: Јанески (29 поени), Караџовски (21 поен), Караколев (11 поени), Живановиќ (14 поени), М. Пековиќ (15 поени)
Кожув: Мекнил (31 поен), Мијовиќ (17 поени), Хал (23 поени), Крстевски (15 поени), Ѓурасовиќ (13 поени)