28.09.2022

Изјави по натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-ТФТ

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“-2022 - Александар Петровиќ: „Овој трофеј им го посветувам на моите другари, Драган Василов Цевка, Анте Дуковски и на Маки Лазовски“

МЗТ Скопје Аеродром е нов-стар освојувач на македонскиот Суперкуп. Вечерва, пред полно глдалиште во СРЦ „Кале“ беа подобри од ТФТ (100:82) и по петти пат во историјата го носат пехарот во својата база, во „Јане Сандаски“.

„Ова не е изненадување за мене, заслужено победивме бидејќи имавме контрола над резултатот во текот на целиот натпревар. Нормално, се игра за трофеј. Секој трофеј е важен. Очекував ваков натпревар и од моите играчи и од страна на ТФТ. И многу ми е драго што трофејот го носи името на мојот другар Драган Василов Цевка. Сакам да им го посветам овој освоен трофеј на Драган Василов Цевка, Анте Дуковски и на Маки Лазовски кои нè напуштија прерано“ – коментираше Александар Петровиќ, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром по првиот освоен трофеј во новата сезона.

За капитенот Дамјан Стојановски, многу е важно што на стартот на сезоната веќе еден пехар е во витрините на МЗТ Скопје Аеродром:

„Ова ни беше како вовед во сезоната која очекуваме да биде исклучително тешка. Важно ни беше да го освоиме Суперкупот, особено против екипа како ТФТ со која секогаш натпреварите се тешки. Мислам дека ќе одговориме на сите предизвици, и во АБА лигата. Собрани сме од август, ќе одиме од натпревар на натпревар и се надеваме на успешна сезона“.

Боро Смилковски, тренерот на ТФТ, вели дека неговата екипа не била на нивото на меч кој носи трофеј:

„Пред сè, мислам дека епитетот на Суперкуп натпревар за пехар единствено го оправда амбиентот што го имавме вечерва, сигурно не го оправдавме ние како екипа. Успеавме да ги елиминираме грешките и да најдеме карактер во второто полувреме. Сепак, беше преголем залак после едно такво лошо полувреме, да победиме. Што поради наши грешки, што поради судиски, пресудија за исходот. Честитки до МЗТ Скопје Аеродром за освоениот пехар во Суперкупот“.

Свој коментар имаше и Страхил Николов, кој беше еден од најдобрите во поразената екипа.

„Не можам да кажам дека сум задоволен од конечниот исход на натпреварот. Потфрливме во одбрана. Во второто полувреме влеговме посилно, дадовме се од себе, но резултатот е тоа што е“.