27.09.2022

МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ, вечерва (19.30 часот) во СРЦ „Кале“, ќе се борат за десетиот трофеј во историјата на Суперкупот

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ 2022 – Александар Петровиќ: „Ја подмладивме екипата, но целите се исти-победнички“!

МЗТ Скопје Аеродром е во улога на бранител на трофејот „Драган Василов-Цевка“. Во ланското, обновено издание, беа подобри од Работнички.

А вечерва, пред себе ќе имаат уште еден голем ривал – бранителот на Купот, екипата на ТФТ.

Александар Петровиќ, предводникот од клупата на популарните „металци“, очекува добар натпревар кој е вистинска проверка за неговата екипа која за неколку дена ќе се врати во друштвото на најдобрите екипи во Јадранската лига, со дуелот против Црвена Ѕвезда (во Белград).

„Очекувам еден добар натпревар пред се, добро отворање на сезоната. Сакам полна сала, да биде добра увертира за она што ни следи. Оваа година МЗТ го чека доста тешка сезона, пред се во АБА-лигата, затоа што ќе имаме доста обемен календар. И покрај некои ситни проблеми мислам дека во Суперкупот ќе се претставиме како што треба. Ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е со слична физиономија како и лани. Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Пред нас е доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти - да се напаѓа секој домашен трофеј, додека во АБА-лигата ќе се бориме за подобри резултати. Главна цел е да се опстане во лигата и да се фати еден континуитет како претходните години“ – вели искусниот стручњак пред првиот официјален натпревар во кој влог е пехарот наменет за победникот во Суперкупот.

Нешто и  за противникот на вечерашниот натпревар, закажан за 19.30 часот (МРТ3)

„ТФТ сигурно е екипа за респект, пред сè, има добар ростер на домашни играчи и нови странци. Ланклан Андерсон им се врати во тимот, сигурно и дека со настапот во квалификациите за Лигата на шампионите покажаа дека имаат квалитет. Неслучајно беа и домаќини на турнирот, сигурно дека имаат и гледаат свои шанси. Очекувам еден добар дуел. Ние сигурно имаме поголемо искуство затоа што играме со години во континуитет во АБА и во АБА-2, така што очекувам генерално една добра сезона“.

 

Боро Смилковски: „После трофејот во Купот, да пробаме да го освоиме и оној во Суперкупот“

Боро Смилковски и неговиот ТФТ веќе ја „стартуваа“ новата сезона. Беа дел од квалификацискиот турнир за ФИБА лигата на шампионите кој изминатиот викенд го организираа во Скопје. А дуелот во СРЦ „Кале“ за првиот тренер на екипата од Тафталице треба да даде малку „појасна слика“ за новиот ростер:

„Супер куп на Македонија, за нас уште еден од низата натпревари кои може да ни ја појаснат сликата за оваа наша ‘нова’ екипа - пред почетокот на лигашките натпревари како и пред почетокот на АБА 2 лигата - натпреварувања кои се наш приоритет оваа година. Истовремено, натпревар за трофеј што секогаш дава дополнително значење и сигурен сум дека иако истиот има претсезонски карактер дека и двете екипи ќе влезат максимално концентрирани и подготвени во обид да излезат како победник од истиот“.

Малку и за ривалот во суперлигашката пресметка...

„Екипата на МЗТ Скопје Аеродром е фаворит, АБА 1 лигаш и сериозна екипа која што одлично ги одработе подготовките, со исклучок на последниот натпревар против ПАОК. Имавме можност да гледаме дел од натпреварите, и иако на моменти покажаа супериорност во однос на ривалите, сепак како и секој имаат и свои слабости кои ние ќе пробаме да ги искористиме на денешниот натпревар. Нè очекува едно силно темпо и доколку успееме да ја исконтролираме нивната агресивност, парираме во скокот и имаме една шутерска вечер - се надевам дека после Купот, ќе можеме да дојдеме и до трофејот од Супер Купот на Македонија.

Ова е една одлична можност за презентација на двете екипи пред своите поддржувачи и искрено се надеваме на одличен натпревар во еден вистински кошаркарски амбиент“ – посакува кормиларот на „црно-белите“ пред атакот на првиот трофеј во сезоната.