Златко Гоцевски со победа, и победнички трофеј дебитираше на клупата на Баскет Кам 2011. Во првиот официјален меч, екипата од Македонска Каменица стигна до триумф над Бадел 1862 (69:61), за прв пехар во Суперкупот на Македонија.
„Сигурно е дека овој трофеј е многу значаен за сите нас. Значи еден победнички почеток на сезоната. Добро почнавме, пред се агресивно, и како резултат на тоа се стекнавме со солдина предност. Но кога неколку кошаркарки добија по три лични грешки, некако ја намаливме таа агресивност. Потоа му дозволивме на противникот да ја стигне нашата предност. Но добро е што успеавме, се вративме кога требаше, за да победиме. Во оваа прилика сакам да кажам дека е одлично што по неколку години пауза се играат вакви натпревари помеѓу двете најдобри екипи, и добро е што таа традиција продолжува“
Своето задоволство не го криеше ниту Катерина Поп Димитровска, капитен на Баскет Кам 2011:
„Му благодарам на мојот тим, на девојките, што извојуваа вака важна победа. Имавме и добри моменти и периоди кога имавме пад во играта. Ова е добар почеток, добар момент за целата екипа. Пресреќни сме што го освоивме пехарот во Суперкупот“.
Перо Стамески (тренер на Бадел 1862, смета дека сепак, на овој натпревар пресуди искуството кое го има Баскет Кам:
„Факт е дека девојките доста се потрошија за да ја стигнат високата негатива на противникот. Во преден план дојде искуството кое го имаат кошакарките на Баскет Кам. Успеавме да го сопреме нивниот шут, но направивме неколку грешки, кои се плод на нашето неискуство. Сепак, и покрај поразот, задоволен сум од прикажаното на екипата. Ова беше тест за нашите моментални можности“
Сандра Лазаревска, капитенот на Бадел 1862 вели дека новиот состав кој го предводи во новата сезона бил блиску да направи изненадување, Но..
„Навистина бевме многу блиску да направиме комплетен пресврт. Но треба да се знае дека ова е една нова екипа со неколку нови млади играчи. Ова ни беше прв натпревар во сезоната, очекувам да продолжиме со добри игри и во првенството“.