28.09.2022

„Денот на кошарката“ во „Кале“ ќе започне од 17.часот, со женската пресметка на најдобрите, Бадел 1862 и Баскет Кам 2011

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ 2022: Многу „новитети“ кај најдобрите, но желбата е „стара“ – освојување на првиот трофеј!

Многу поразличен ќе биде овој натпревар помеѓу двете најдобри екипи во женска конкуренција во однос на претходниот, одигран пред една година, на истото место – СРЦ „Кале“

Менуваа доста, и едните и другите, особено тоа се однесува за актуелниот шампион. Бадел 1862 остане без своето „јадро“. Во екипата повеќе ги нема лидерите како што дефинитивно се Александра Стојановска и Нена Трајчевска. Ги нема и Ивана Кметовска, Сања Адамовска, Цветанка Димова, и Сара Максимовска. Интересно сите три ќе бидат на другата страна на теренот, во дресот на Баскет Кам 2011.

Но шефот на стручниот штаб на „баделки“, Перо Стамески, се чини дека е одамна навикнат на вакви промени.

„Точно е тоа. Во текот на летото останавме без нашата ‘база’, останавме без кошаркарки како Стојановска, Трајчевска, Адамова, Димова. Одлучивме да им дадеме шанса на некои други девојчиња, се надевам дека ќе ја искористат. Да се обидат да видат, да работат и во сениорската екипа на Бадел 1862, во која од поискусните ги имаме само Лазаревска, Димитријевиќ и Метије. Ќе видиме како сето тоа ќе функционира. А овој натпревар во Суперкупот е добра прилика да видиме што сме сработиле во изминатиот период од подготовките, и што треба да работиме до почетокот на првенствената сезона“ – вели искусниот стручњак пред првиот официјален меч во сезоната кој стартува од 17.часот во СРЦ „Кале“ (директен пренос на МРТ3).

Баскет Кам 2011 пак направи и смена на првата тренерска позиција. Во новата сезона, која практично стартува вечерва со овој натпревар во кој победникот го носи првиот трофеј, екипата од Македонска Каменица ќе ја предводи Златко Гоцевски.

За некогашниот македонски репрезентативец ова ќе биде првата „работна обврска“ во македонската женска кошарка.

„Иако сме кратко време заедно, спремни и со нетрпение, и јас и девојките го дочекуваме почетокот на новата сезона. Токму натпреварот од Суперкупот против минатогодишниот шампион е добра увертира. Како Куп-натпревар без можност за поправен, очекувам поблиску до победата да биде тимот што ќе има поголема желба, а се надевам тоа ќе бидеме ние, и верувам дека девојките ќе го дадат својот максимум. Имаме добра селекција на тимот, пред се личности со добар карактер, кои посветено работат на тренинзите. Се надевам на добра кошаркарска претстава, и Суперкупот да биде празник на кошарката“- вели новиот кормилар на актуелниот бранител на куп-трофејот.