Немаше изненадување во премиерниот натпревар од Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, оној во женска конкуренција...
Актуелниот освојувач на шампионската титула, екипата на Баскет Кам 2011 ја потврди фаворитската улога и убедливо го победи победникот во националниот Куп, МЗТ Скопје Аеродром.
БАСКЕТ КАМ 2011 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 102:52
До вториот трофеј во ова натпреварување, кошаркарките од Македонска Каменица стигнаа со доминантна игра. Практично ја потврдија улогата на фаворит која им беше „доделена“ пред почетокот на овој натпревар со кој практично се отвора новата сезона во македонската женска сениорска кошарка.
Видно изменетиот состав на МЗТ Скопје Аеродром, кој во ланскиот шампионат изненади, и тоа токму во финалето на Купот (токму против вечерашниот противник), без странски кошаркарки но и заминувања на некои играчи кои беа носители на играта, тешко му парираше на составот, кој освен промената на првата тренерска позиција, каде во оваа сезона, во улога на шеф на стручниот штаб ќе биде Жаклина Стојановска, доби уште едно засилување во Ивана Кметовска.
По релативно израмнетиот вовед на натпреварот во „Кале“, се друго беше на страната на Баскет Кам 2011. Во шестата минута резултатот беше (14:12) за екипата од Македонска Каменица. Но до крајот на првиот квартал, девојките во „сино-бела“ комбинација направија серија од (18:5), со која се одвоија на (32:17).
Како одминуваа минутите во вториот период, така растеше и нивната предност. Највисока бепе токму на истекот на овие втори десет минути (59:26), со која двете екипи заминаа на паузата.
Дваесет минути во кои тон на играта на шампионот даваше репрезентативниот двоец, Димова-Адамовска кои искомбинираа 29.поени (19 плус 10), а во продолжението од тој прв дел им се приклучија и другите членки на нажиот национален тим, Кметовска и Тасевска.
И премногу за младиот состав кој го предводи Вела Красниќ, во кој, очекувано, капитенот Митева беше творец на најголемиот број на поени – вкупно 18.
Вториот дел од играта се претвори во ревијален.
Откако Баскет Кам 2011 поведе со уште повисоки (77:35), тренерот Стојановска одлучи во игра да ги вклучи и кошаркарките од онаа т.н. „резервна единица“. Па шанса добија сите играчи кои се најдоа во пријавната листа за овој натпревар, по кој Баскет Кам 2011 го освои својот втор пехар во третото издание на Суперкупот „Драган Василов-Цевка“во женска конкуренција.
Димова броеше до 25 (имаше и 11.скока), Адамовска ја следеше со 20.поени (плус 13.асистенции), Тасевска даде 15, Поп Димитровска и Кметовска имаа уште по 12.поени кај победникот.
Кај МЗТ Скопје Аеродром, Митева остана на своето, капитенско ниво, и средбата ја заврши со 29. реализации.