23.09.2023

„МЗТ Скопје е фаворит, наше е да излеземе и да играме најдобро што можеме, ќе видиме што ќе покаже семафорот“ – вели тренерот на Феникс 2010

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ 2023: Денис Дервишевиќ: „Изгледаме поинаку, ќе видиме како сето тоа ќе функционира“

Лани, Феникс 2010 стигна до најголемиот успех во кратката историја на своето (прволигашко) постоење, играше во финалето на националниот Куп. Но не успеа да го изненади големиот фаворит, екипата на МЗТ Скопје.

А вечерва (од 19.30 часот), како финалисти во Купот, избраниците на тренерот Денис Дервишевиќ ќе имаат нова шанса да го освојат својот прв „сениорски“ трофеј, играат против истиот противник но во рамките на Суперкупот “Драган Василов-Цевка“.

Извесно, нема да им биде воопшто лесно против бранителот на овој трофеј, особено што за разлика од ланската, во новата сезона „фениксовци " влегуваат со малку променета физиономија во екипата.

Недостасуваат некои од играчите кои ја „изнесоа“ ланската сезона, но Дервишевиќ смета на некои од најискусните, во прв ред Бојан Трајковски и Ивица Димчевски, и секако, капитенот Андреј Митревски.

Но токму Митревски му задава и најмногу главоболки на стручниот тим на Феникс 2010, со оглед на тоа што напито млад репрезентативен бек сеуште ја нема санирано во целост повредата која ја доби на еврошампионатот за кошаркари „Под 20“ години во Скопје.

„Искрено, во овој момент кога знаеме дека Андреј Митревски не е спремен, дека ќе играме без еден од најдобрите, а во тимот имаме доста нови играчи, не би знаел што можеме да очекуваме од овој натпревар, прв официјален во новата сезона. Изгледаме поинаку, ќе видиме како сето тоа ќе функционира “ – вели Дервишевиќ.

Шефот на струката на располагање ќе има дури четворица американски кошаркари кои беа ангажирани во летниот преоден рок: Деандре Томас, Џозеф Рис, Шакур Даниел и Каилекс Стивенс.

„Полека се воигруваме, сепак во тимот имаме доста нови играчи, и извесно е дека е потребно време за ‘да се најдеме’. Во тимот имаме и некои нови млади момци како Зетов, Стојковиќ, но и Петковски, Димитриевски, Стојановски, плејада на таленти кои треба да го заземат местото на оние кои веќе не се со нас. Што се однесува до овој натпревар, наше е да излеземе, да играме најдобро што можеме, а резултатот ќе го видиме на крајот. Фаворитската улога му ја препуштам на МЗТ Скопје, екипа со најголем буџет во македонското првенство во сеозната која е пред нас“- додава Дервишевиќ.