23.09.2023

„Добро тргнавме, меѓутоа во последните две минути од вториот квартал имавме брзоплети шутеви“

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ 2023: Денис Дервишевиќ: „Не успеавме да одговориме на нивната игра во второто полувреме“

Феникс 2010 не успеа да го изненади актуелниот бранител на домашните титули. Во мечот од Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, вечерва во СРЦ „Кале“, МЗТ Скопје беше подобар противник, особено во второто полувреме.

„Најпрво, би сакал да му честитам на МЗТ Скопје за победата, заслужено победија во мечот и го освоија Суперкупот. Ние добро тргнавме во дуелот, меѓутоа во последните две минути од вториот квартал имавме брзоплети шутеви и МЗТ од минус четири го сврти мечот во своја корист.

На полувреме говоревме да играме поагресивно во одбраната и подобро во нападот, меѓутоа не успеавме да одговориме, МЗТ Скопје замина на +15 и мечот веќе беше во нивна корист.

Ние бевме дефицитарни на овој меч, игравме без нашиот најдобар играч Андреј Митревски, плус имаме нови играчи со кои треба да работиме уште на системот и да бидеме комплетни.

Времето е пред нас, во првото коло нè чека Чаир, одиме и во ФИБА Европа Купот и се надевам дека ќе бидеме на повисоко ниво“- коментираше Дервишевиќ по поразот во вечерашниот дуел со МЗТ Скопје Аеродром.